Рецептите на македонски

Дојде време и за споро готвење :)

     Одамна мислам дали slow cooker ќе ми врши работа. Идејата практично вечерата сама да се спрема многу ми се допаѓа во последно време. Читав во форумите и во блогот на  Пеп-чо, кој пратам со години и многу ми се свиѓа. 


    
    Работата е што некои од уредите кои сум сакала да си купам, потоа се покажали како непотребни и имало со што помало, пообично и поежтино да ги заменам. Други, како  уредот за варење на пареамашината за кафе Vivax со термо чаша (мачката е стандарден додаток на се во кујна) 😂и блендерот со шише ги користам стално, но за нив во некоја наредна прилика. 
Каде ќе го чувам, колку место ќе зафаќа, дали нема да е поредната непотребна ствар во кујна?  

    Во периодот на првите карантини минатата многу луѓе се научија да прават леб, кифли, паста и слични одземашти многу време тестенини. Да не се лажеме - аромата на топол леб е неодолива!
 

    Со претходните карантини го прескокнав масовното печење лебови зошто веќе го бев поминала пред неколку години. Затоа правев импровизиран домашен офис со дел за чај, во повторен неуспешен обид да го оставам кафето. 😀

Треба да  кажам дека кој не работел од дома со три деца и домашен миленик, нема видено ништо. Целата ситуација е уште попредизвикувачка од кога ќе се вклучат камери и цело одделение ти е во соба, а работата ти е на телефон и на мејл, наставата е на смени онлјан и мачката бара маж. 😵  

За капак и едното ти дете тера курс хемотерапија ( помеѓу играњето LOL и CS). Издржа херојски со минимални несакани ефекти. Се надеваме дека во иднина се ќе биде во ред иако човек никогаш не знае што го чека.

И така, со повторното зголемување на бројките на позитивни Covid-19 тестови, повторно треба да дремеме дома ( разбирај, да се пазиме и да внимаваме во убаво сончево време, кога децата, а и возрасните треба да бидат надвор заради многу други здравствени придобивки) . 

Затоа  по многу размислување дали ми треба или не такво чудо како slow cooker, решив дека идам и го купувам.

Сега или никогаш!

Вчера, нарамила торба за пазарење САМО за едно пакување пилешки стек и кило кромид(😁аха, друг пат ) со мојата пријателка Кате тргнавме во дождот ( кога инаку ) до продавница. Натоваривме се прилично и на каса го купив уредот во прашање - Adler .

Одиме си ние со кутијата, довдот си врне ама не кој му е гајле!  Важното е дека од денес јадењето ќе се готви само. 😎😂 
 
Распакувањето не помина без набљудувач.

Самиот уред е тежок заради керамичкиот сад. Собира 6,5 литри. Сеуште немам осет колку е тоа во споредба со нормалните тенџериња во кои готвам и тоа се одрази на количината на сол која ставив.

Рецептот, кој го избрав за тест е овој:

Пилешки парчиња со печурки во сос од кромидод блогот на Пеп-чо  ( во варијанта за slow cooker)


1кг кромид, исецкан на полумесеци
350гр печурки
1 кг пилешки стек исечен на 2см дебели ленти
100мл вода ( требаше да биде да е 70мл пиво со 30мл вода)
мајчина душица, хималајска сол, бибер
Пиво заборавив да земам, а со тоа што продавниците затварат во 7 навечер заради полицискиот час и не ми се излегуваше повторно. 

Наредив се во керамичкиот сад во редот кромид - печурки - месо - зачини, го наместив тајмерот, подесив времето за готвење на 5 часа со идејата да биде готово наредното утро в 7.30, за да не се занимавам цел ден со тоа во недела. 


Тајмер е многу практична работа. Подесуваш се од вечерта и наутро се е спремно. Но изумив за аромите.  😁 Си го отвараш прозорот и те мава една магична арома на запржен кромид... рано по сабајлечки...Неделна идила!  

Долго се борив со мирисот на кромид, но не издржав и станав во 7 во недела, отворив пошироко прозорот и за зафатив со доспремање на ручекот. Месото беше сварено одлично, сосот беше токму колку треба. Убавина! Претпоставувам дека може и со батаци, но не ми се допаѓа пилешката кожа и жилите од пилетп во манџата. Готовото јадење може да се запече дополнително во рерна во истиот керамички сад. 

*Белешки - кромидот треба да е многу тенко исецкан и зачините треба да бидат повеќе. Керамичкиот сад беше на пола полн. Претпоставувам дека една лажица сол ќе беше перфектно.

Едниот гарнир е домашно пире од компири, другиот - тазе испечен леб со квасец за мацкање во сосот. Сигурно може да се измисли и нешто покреативно, но кога човек е поспан, не му иде креативата. 😊

Вкупно намирници: околу 500 денари
Време: околу 30 минути за припрема, 4 часа за готвење во slow cooker
 Со лебот и пирето ручекот испаѓа околу 600 денари, 6-8 порции.

Пилешко по грчки

Овој рецепт го памтам приготвен од стрина ми. Во годините пред кризата ставаа топено сирење, кое потоа беше заменето од кравјо безсолно сирење и припремано за специјални пригоди. 


Рецептот е многу лесен, но многу вкусен. Останува место и за импровизации. 

Потредни состојки
  • Пилешки батаци, цело пиле или пилешки стекови
  • Путер -1/4 до 1/2 пакување
  • Кисело млеко - 1 канче,може и 2
  • Топено сирење (околу 200 гр.) или меко кравјо сирење (300-400гр.)
  • Чубрица
  • Сол, црн бибер


Пилешкото се реди во стаклена јена тава, се стават киселото млеко, сирење, зачини, одозгора путер и се пече во затворена тава на 200 степени час - час и половина, додека добие убава потпечена кора.

Ништо комплицирано!

Јас не сум баш по батаците и затоа ставам стек кој е посув и бара повеќе путер. 
Иде со зелена салата, Мимоза, салата од свеж спанаќ, Ризлинг и печени јаболки со мед и суво овошје за десерт. :)

Вкупно: 300-450 денари

Пилешко со свежа буковка

Печурките ни се омилено јадење и особено во постите,бидејки и јас и сопругот постиме,многу често ги конзумираме. Но за децата спремам и оброци со месо. Овој рецепт го спремав на двапати во двете варијанти. Не остана ништо од двете ако е тоа мерило за вкусно.

Потребни состојки:

  • 400 гр. свежи печурки буковка
  • 500 гр. пилешко месо
  • 1 главица кромид
  • 1 морков
  • 200 гр. кашкавал
  • 200 мл. павлака
  • сол
  • мешан зачин
  • црн пипер
  • маслиново масло
  • прилог салата
Пилешкото месо најпрво се вари, да омекне убаво или ако е со коска, да се исчисти од коските. Главицата кромид ситно се сецка и заедно со изренданиот морков се пропржува со 2 с.л маслиново масло. Потоа се додаваат печурките исецкани и кратко се пропржува. Се додава пилешкото исецкано на помали парчиња, се додава и павлаката и се зачинува по вкус со сол, црн пипер и мешан зачин. Сето тоа убаво промешано се истура во тава, се ренда одозгора кашкавалот и се пече во рерна околу 20 минути, колку да се запече кашкавалот.
Како прилог може било каква салата - ние одбравме марула со ротквици и младо кромидче.
Пријатен апетит !

Вкупно: околу 270 денари

Домашни бургери

Пред некој ден разговаравме за сендвичи и кој какви сака. Затоа одлучивме да направиме домашни сендвичи.

Еве ја и нашата верзија.


Продуктите се по желба.
Стандардниот состав е:

  • свинска кртина, печена на скара и исецкана на тенки ленти
  • кисели краставички -4, исецкани на тенки ленти
  • домашен тартар сос
  • црвена пиперка - неколку тенки кругови 
  • кромид - 1/2 глава, исецкана на тенки кругови
  • домат - по еден круг за секој сендвич
  • марула - по еден лист за секој сендвич
  • кашкавал - исецкан на тънко
За помалите деца направивме со месо, краставица и кашкавал.

Опцијата со ќофте не е меѓу омилените заради квалитетот на меленото месо.
Еве го и работниот процес - препечени половинки лепче и се останато редиме како ни се свиѓа. :)


Пријатен апетит!

Крап со бело вино и зеленчук

Сликата од овој рецепт одлучив да ја ставам од времето на спремање на јадењето,бидејки така поубаво се гледа како е спремено а останува само да се испече. Повторно во знакот на посните јадења,но јас го правам редовно и кога не се пости.

Потребни состојки:

  • 1 крап (околу 2,5 кг. )
  • 2 моркова 
  • 2 компира
  • 1 целер
  • 1 пашканат
  • 1 главица кромид
  • 2 лимони
  • магдонос
  • 1/2 литар бело вино


Крапот исчистен убаво се мие, се посолува и внатре и надвор и се прават засеци. Жо засеците кои се прават одозгора се ставаат парчиња лимон, а исто и во внатрешноста се стават неколку кругчиња лимон. Зеленчукот се сецка и се меша се заедно. Се полни внатрешноста на рибата, а остатокот се додава во тавата. Масло не се става. Се налева виното и се пече најпрво 1 час покриен со фолија, а потоа уште 1/2 час - 40 минути без фолија на 200 степени.
Пријатен апетит !

Вкупно: околу 500 денари

Паста со пченка

Една од моите омилени рецепти за паста, коja пред многу години ми ја покажа татко ми.



Потребните продукти се:
500 гр. паста њоки, број45 или 46 ( ние ги викаме полжави) 
200гр пченка
2 чешниња лук
1 кафена чаша маслиново масло
1 ч.л. сув босилок
100гр. сирење Грана Падано ( или потврд крави кашкавал)

Ньоките се варат во солена вода според упатството, се исцедуват и се измиват со ладна вода. Во тенџере се загрева маслиновото масло и чешнињата лук. Откако малку ќе се запржи лукот и ќе си ја пушти аромата, се става пченката, малку сол и сувиот босилок. По неколку минути се додаваат њоките и се промешува многу добро, за да се наполни пастата со пченка. 
По кратко промешување, пастата е готова.
Се става во длабок танир, се нарасува со неколку капки маслиново масло и сирење, односно кашкавал.
Ако има свеж босилок, тогаш тој не се става со пченката, а накрај исецкан ситно.

Вкупно: околу 150 денари за 4-5 порции.

Тоа е јаглеходратно јадење, кое најдобро се комбинира со салата марула, ротквици и краставици или зекла салата. Заситува доста, но е добро да се јаде за ручек, за да има време да се истроши енергијата. 

Џигер со печурки и кромид

Еве и едно зимно јадење што многу ми се јадеше во последно време.
Не дека не се јаде и летно време, но некако е повкусно кога надвор е ладно.
Продуктите:

  • 500-600гр. пилешки џигер
  • 500гр свежи печурки
  • 2-3 глави кромид
  • еден морков (може и без него)
  • 50мл бело вино (мове и без него, ако јадат и децата)
  • 2-3 с.л. нишесте
  • хималајска сол,бибер, може малку кари


Прво џигерот треба да се свари. Потоа се сецка на парчиња и се остава на страна со течноста. Кромидот се сецка на полумесеци и се пропржува со малку зејтин. Се додават исечените на ленти печурки и сол. Кога ќе изврие водата, се стават џигерот и дел од прецедената течност. Нишестето се промешува убаво со ладна вода и се истура со непрекинато мешање во тиганот.
Се додават и другите зачини. Кога ќе се згусне доволно, е готово.



Може да се сервира со ориз, картофено пире, кус-кус, пилаф.

Вкупно: околу 200 денари

Јунешки гулаш со макарони

Белешка од Маријана:
Наредните неколку дена ќе направиме неколку традиционални рецепти . Убаво е да смениме од време на време.


Секоја постара домаќинка знае да прави гулаш. Тоа е едно од омилените стари јадења, кое се правело многу често и се сметало за вистинска гозба. Многу едноставно се спрема. Но сите го избегнуваат зошто месото треба да се вари малку подолго. Тоа не мора да биде проблем, бидејки месото може да се свари и од вечерта, па следниот ден да го спремите многу брзо.
 Го подготвувам на мој начин, и превкусен е.

Потребни состојки :
  • 500 гр.јунешко месо
  • 2 главици кромид
  • 1 морков
  • 1 парче праз
  • 500 гр. сок од домати или доматно пире
  • мешан зачин или сол
  • црн пипер
  • магдонос
  • 1 пакување макарони (обични или интегрални)
Месото се сецка на мали парчиња и се вари околу два саати,убаво да омекне (во меѓувреме се додава вода колку е потребно). Не се става масло. Откако ке се свари на крај се остава малку вода и се додава во тенџерето сецканиот кромид, празот и рендан морков. Се остава да се издинстаат малку заедно и штом испари водичката се додава доматното пире или сок (или рендани свежи домати). Се посолува, се зачинува и се остава да динста со доматите уште 20-30 минути. На крај се додава и магдоносот. (немав магдонос, ставив малку сув, но не се приметува на сликата)  Макароните се варат на стандарден начин, се цедат и се сервираат со гулашот. Убава комбинација е и со пире од компири. 

Пријатен апетит !


Вкупно: Околу 250 денари

Ориз со свежи печурки

Многу често правам ориз и секогаш го правам различен. Оваа варијанта е особено вкусна и е омилена кај нас дома. А и мене ми доаѓа, зошто не мора да правам ништо друго покрај ова јадење. Печурките се замена за месо, па така имаме комбинација "две во едно".



Потребни состојки :
  • 1 главица кромид
  • 1 чаша ориз(250 гр.)
  • 300 гр. свежи печурки
  • сол или мешан зачин
  • 1 с.л маслиново масло
  • 3 чаши вода
На маслиново масло се пропржува главицата кромид ситно исецкана, и се додаваат печурките исецкани на тенки листови. Откако ке се издинстаат печурките и ќе испари водата,се додава измиениот ориз,се зачинува, се меша и се истура во тава за печење. Се додаваат три чаши вода (најдобар однос на оризот со водата е 3:1), се промешува и се става да се пече на 200 степени околу 25 минути (зависи од рерната,или додека не изврие водата и малку да се запече).
Ставив одозгора малку сув копар, онака за вкус.
Оваа количина е доволна за четири особи,зависи кој колку јаде:)

Пријатен апетит !

Вкупно:70 денари

Пилешка каварма

Не најдов соодветен назив на македонски на овој рецепт и затоа го оставив со оригиналниот назив.

Долго време заборавам да ви го претставам овој рецепт. Количината е за два пати јадење, што е добро барем дома, зошто во текот на работната недела нема многу време за готвење. Да, чудесно е секој ден да имаме нешто различно, но тоа не е секогаш можно. Овој рецепт е од лесните, кои се припремаат брзо и испаѓаат голема количина.


И така, еве ги продуктите:
  • 2 глави кромид
  • 500гр пилешко чисто месо
  • 3-4 моркови
  • 3-4 кисели краставички
  • 300гр печурки
  • 1 пиперка
  • 1 с.л. ситно исецкан корен целер
  • 2 чешниња лук 
  • 2 с.л. доматно пире
  • 1 ч.л. шеќер
  • 1 ловров лист
  • 1 винена чаша црвено вино (околу 60мл)
  • штипка црн бибер 
  • 2 с.л. нишесте (густин)
  • чубрица
  • хималајска сол
Кромидот се сецка на тенки полукругови, морковите и краставичките-на кругчиња, печурките на покрупни парчиња, пилето - на мали парчиња, пиперката - на  ленти, а лукот- на ситно. Се до ловровиот лист се става во длабоко тенџере и се залева со вода колку да покрие.Откако ќе зоврие, јадењето се остава да врие на тивко под капак околу 40 минути. Потоа се ставаат ловровиот лист, виното и се остава уште 10-ина минути под капак. Во меѓувреме густинот се мати убаво со ладна вода и со непрекинато мешање се додава во тенџерето. Јадењето се згуснува многу брзо и ако е потребно се додава уште вода. Се ставаат зачините, се поклопува и се остава на исклучена рингла уште некое време.
Се сервира со компири, ориз или пилаф. Или со топол леб :)
Дома се бара да има повеќе сос за мацкање и обично ставам повеќе вода.
Се надевам дека идејата ви се допаѓа за неделен ручек.

Вкупно: околу 450 денари.

Пилешко фрикасе со кари

Наскоро научив дека првите сознанија за такво јадење се од 16в и со суштина фрикасе е месо, пропржено на мали парчиња, обично со бел сос. Модерните времиња носат и модерни рецепти - например фрикасе од целер. На прво читање ми изгледаше многу вкусен рецепт, но се уште собирам храброст да пробам. :)
Затоа денес ви предлагам една варијанта која брзо се нареди измеѓу омилените јадење на децата.




  • 3 пилешки стека (околу 600 грама )
  • 2 +2 с.л. путер или зејтин (дефинитивно со путер е повкусно)
  • 200 гр кисело млеко
  • 2 жолчки
  • 5 с.л. брашно
  • хималајска сол на вкус
  • 1/2 ч.л. кари 
  • сокот од пола лимон

Пилето се измива и се сецка на парчиња, а потоа се пропржува со 2 с.л. путер колку да фати коричка. Овој дел може и да се пропушти. Се залева со 1,5л вода и месото се вари. Течноста и месото се претураат во друг сад, а во тенџерето се ставаaт другите 2 лажици путер. Одкога ќе се растопи, во него се додава брашното и со непрекинато мешање се пече, додека добие златна боја. На тенка струја со постојано мешање (убаво е да е со кујнска жица, за да не станат топчиња од брашното) се враќа течноста, а од кога ќе се згусне, се враќа и пилешкото месо. Ако е потребно, се става малку вода, зошто кога ќе се излади јадењето се згуснува дополнително. Жолчките се матат добро со киселото млеко, сокот од лимон и кари, потоа се додаваат во тенџерата со мешање. Се зачинува со сол на вкус.
Тоа е тоа. Доста протеини се собират и е добро да се комбинира со зеленолисна салата, например марула, рукола, свеж спанаќ или блитва. :)
Наместо пилешки стек може да се користи почистен пилешки карабатак, да се стават печурки и лук.

Вкупно: околу 250-300 денари

Печено ќофте

Сигурно е мал бројот на луѓе што пробале печено ќофте. Еднакво е вкусно,можеби повкусно,а секако е поздраво. Едноставен оброк на кој му треба само убава салата по желба, како прилог и некое тазе испечено лепче.

Потребни состојки:
•300 гр.мелено месо(мешано)
•150 гр.ориз
•1 јајце
•1 мала главица кромид
•1/4 парче праз
•магдонос
•2 лажици лебни трошки
•1 лажица сенф
•1 лажица мешан зачин или сол
•црн пипер
•пармезан

Оризот претходно се вари и се цеди од водата. Во длабок сад го ставаме меленото месо (јас користам месо во однос 80%телешко и 20% свинско).  Го додаваме изладениот ориз, сецканиот кромид и праз, ги додаваме магдоносот, мешаниот зачин, биберот, лебните трошки, сенфот и се убаво соединуваме. Смесата ја месиме со раце и обликуваме кофтиња, малку поголеми од обично (колку полна дланка). Кофтињата ги редиме во тава подмачкана со маслиново масло а и по неколку капки ставаме и одозгора врз нив. Се печат на 200 °С околу 35 минути. Кога се готови се наросува по малку пармезан или рендан кашкавал (по желба може во средина да се стави кајмак, така се со посебен вкус).
Излегуваат од 10 до 12 големи кофтиња, доволно за 4 лица.
Многу едноставно, брзо и вкусно, нешто поинакво на вашата трпеза.
Пријатен апетит !

Вкупно: 150-170 денари

Шарена турлитава

Оваа турлитава е еден од побрзите и здрави оброци.Најчесто се преви од она што го имаме во фрижидер.Децата обично не сакаат некои од состојките,но вака нема да приметат и сигурно ќе им се допадне. Но јас ја направив со следниве состојки и беше ПРЕВКУСНА.

• 200 гр. мелено месо
• 1мала главица кромид
• 1 морков
• 1 пиперка
• 1 мала тиквица
• 1 модар патлиџан (помал)
• 1 домат
• 1 компир
• 1 чешне лук
• брокула неколку цветчиња
• карфиол неколку цветчиња
• 50 гр боранија
• 50 гр грашок
• 30 гр ориз
• магдонос
• маслиново масло
•1 с.л. мешан зачин за готвење или сол
• вода

Најпрво на малку маслиново масло се пропржуваат кромидот и морковот, па се додава меленото месо. Откако месото ќе се испржи, се додава зеленчукот еден по еден, исецкан на мали парчиња. Накрај се ставаат доматот, оризот и магдоносот. Се зачинува, се истура во тава, се налева вода колку да го покрие зеленчукот и се потпекува околу 25-30 минути.
Зеленчуците можат да се комбинираат по желба, може да се стави и бамја. Се е по вкус.
Пријатен апетит !

Вкупно: 150-200 денари
(Повеќето состојки секогаш ги имаме дома.)

Овчарска манџа или добродошли назад

Некои од нас уште одмарат, некои веќе се вратени во рутината. Факт е дека кога е топло, малку не фаќа мрза за готвење, за чистење и за многу други работи :)
Спомените се уште тазе и морам да споделам некои од нив пред рецептот.


Местото каде главно ни поминуваше претпладнето беше бар “Централ“  во Асеновград, Бугарија. Веќе повеќе од 10 години служат највкусната риба,слична на гирици, измеѓу еден куп салати, скара и предјадења, а од пред некое време нудат прекрасни десерти, смуди и други вкусни работи. Во средина на сликата е Семифредо-мек чоколаден мус со сурови ф`стаци и суво грозје, а се сервира со кокосов сладолед.
Се разбира, ја имаме и нашата комшика, Галја, од која ни е исклучителното слатко од шумски јаготки кое немаше како да не послужиме со палачинки за кои искористивме еден куп јајца од слободни кокошки од мојот вујко Васко - вкусни, вкусни... само не сум јас мајстор за крем-карамел како вујна ми Петја. Немаше како да поминеме и без торта од брат ми за вториот роденденот на најмалиот син. 
И така, вратени во скопската реалност мораме да се вратиме и кон кујнските обврски.
Еве една сосема обична  манџа, која пред доста години за прв пат ја направи дечкото на мојата цимерка од студентскиот дом. 




Овчарска манџа



1-2 глави кромид
2-3 моркови
зелена пиперка, црвена пиперка
1-2 домати
мало парче корен од целер
малку свеж магдоноз
хималајска сол на вкус, може и сосема малку бибер
ориз

Се` е на око, продуктите се сецкат на ситни парчиња, доматите на покрупни.Убаво е оризот да се измие и се` оди во тава со доволно вода. Се пече на средна температура, додека оризот омекне и ја упие целата вода. Тоа е тоа. Добар апетит!
Полесно од тоа нема на каде.
Вкупно за една голема тава (6-8 порции) - околу 100 денари.

Следниот пат ќе ви раскажам за еден многу интересен семинар кој успеав да посетам додека бевме во Бугарија. ;)


Просо со зеленчуци - со грашок или со брокула

Прд неколку дена со една другарка зборевме за просо и еве дене уште две варијации.
Освен супата од тиква со просо, тој варијант на просо со зеленчук  и супата од тиквици со просо, тие две јадења често присуствуват во нашето мени.
Намирници:

За првото:

  • 1 глава кромид
  • 2-3 моркови
  • 200гр грашок


За второто:

  • 1 глава кромид
  • 2-3 моркови
  • 100гр брокули (може и повеќе)
  • 1 мал корен пашканат
  • половина свежа црвена пиперка
За двете се потребни 200-250гр просо.

Зашто просото упива вода 1:4, количината готово јадење е прилично голема.
Принципот е: се ставаат ситно изецканите зеленчуци со сосема малку вода и сол да омекнат. Потоа се додава просото и вода. Убаво е да се мерат и двете со ист сад, за да не остане вода и да испадне кашесто просото. Ринглата се намалува на најслабо и тенџерата се покрива со капак. Треба да се проверува и да се промешува за да не загори дното.
Готово е кога просото е добро сварено и е упило целата течност.
Може да се додаде и малку лук.

Вкупно - околу 120 денари.
Сум пробала да смрзнам во комора сварено просо, но од кога ќе се одмрзне не е убаво за јадење. 

Боранија - еднаш со копар, еднаш на супа

Излезе веќе свежата боранија на пазар и време е да споделам дел од начините на кои готвам боранија. Жолтата боранија е полесна од зелената, покревка е и содржи помалку скроб. Пред некој ден во пиљара ја видов 120 денари кило и некако ми дојде скапо. Потоа ми текна дека уствари толку ја плаќаме смрзната (кога не си ставив со време минатата година), а вкусот не е ист. Но во секој случај денес на мени беше боранија и еве ги двете јадења.

Жолта боранија со копар
Тој рецепт не ми текнува во која книга го имам читано или за пореден пат сум читала секоја трета линија на друг рецепт. Лесен е за припрема, лесен е за јадење.

  • 1кг исчистена жолта боранија ( или два пакети смрзната, тогаш доаѓат 900гр.)
  • 3-4 чешниња лук
  • 2 с.л. сок од лимон
  • 3 с.л. зејтин или путер
  • сол и копар
Боранијата се става да се свари за околу 20 минути, ако е можно на пареа. Се загрева зејтинот ( или путерот) во длабоко тавче. Се ставаат чешнињата лук да омекнат и малку да сменат боја. Се истура потоа боранијата и појачува температурата. Што да направам, не ми се чека :)  Се промешува често, за да не загори. Кога ќе почне да намалува течноста, се додава сокот од лимон. Треба да се испари течноста, да се подзапече боранијата и да не се осеќа лигава. Тогаш се нарасува копар, се промешува и се става во танир за сервирање.
Може да се нараси со малку Грана Падано или со Пармезан.
Вкупно - околу 140 денари со скапа боранија. 

Боранија - на супа
Тоа е нашата стандардна чорба боранија. Ние сме петорица и количината треба да е доволна за два пати јадење.

  • 1кг боранија
  • 1 голема глава кромид
  • 2-3 моркови
  • мало парче целер
  • мало парче пашканат 
  • пола зелена пиперка
  • 1 рендан домат
  • 1 чешне лук
  • магдоноз, сол

Зеленчукот без боранијата се сецка ситно и се става со малку вода и сол во тенџерето да омекне. Се додава боранијата (исчистена и исечена на помали парчиња) и супата се вари додека е готова боранијата. Потоа се додават ренданиот домат, лукот, магдоноз. Се остава уште 5 минути  под капак и тоа е тоа. Доколку сте навикнати на погуста супа, тогаш наместо брашно, две-три црпалки зеленчук истурете го во длабок сад и добро пасирајте, а потоа вратете во тенџерето и промешајте добро.

Вкупно ( со смрзната боранија и скапи зелени пиперки) - околу 170 денари. Таа цена може да се намали дупло, доколку човек плански си смрзне боранија, домати, пиперки кога се евтини.

Нешто како мусака со зелка

Денес се мислев што ќе јадеме и ми текна дека имам зелка во фрижидер. Јас кажав зелка, сопругот-растурена сарма. Некако и да ми е ладно, времево не ме асоциира на класичната растурена сарма. А и јас сум далеку од растурената сарма на свекрва ми. Кога  ќе се отвори една огромна тава жежка растурена сарма... па колку леб оди со тоа...еее..., ама зимно време, кога е ладно.
Затоа денешниот рецепт нема кисела зелка, нема ориз, но има други работи.

1 средна до голема зелка
1 голем морков или 2 средни
1 глава стар кромид
400гр ситно мелено јунешко месо
сол, зејтин
1 ч.л. магдоноз

Кромидот се сецка на ситно, исчистените моркови се рендат на ситно ренде и двата зеленчука се пропржуват со малку вода и сол во тавче. Се додава меленото месо и се меша убаво додека стане на многу ситни топчиња. Се додава магдоноз.
Додека се динста целава смеса во тавчето (негде околу 10 минути), се сецка зелката, се става во тавата, во која ќе се пече. Се нарасува со малку сол и се намачкува со рака. Се додава смесата кон зелката, се промешува добро, се додават две чаши вода. Тавата се завиткува во алуминиумска фолија и се пече во претходно загрејана на 180-200 рерна додека е готова зелката. Потоа се трга фолијата, за да се запече малку.

Вкупно - околу 200 денари за полна голема тава (8-10 порции).

Пријатен ручек! :)

Тиквици полнети со сирење и пченка

Рецептот е лесен, нема кој знае што, но е типично пролетен. Тиквици, свеж зелен кромид, копар.

 Потребни се:
4 тиквици
1 зелен кромид
200гр сирење (убаво е и со козје)
200гр слатка пченка
4 гранчиња свеж копар


Тиквиците се сечат на пола по должината, потоа се бланшират во врела солена вода за 3 минути. Се изладуват, се вади срцевината и се остава на страна, а тиквиците се редат во намаслено тавче или врз пекарска хартија.

И тука започнува убавиот дел.

Сецкан ситно зелен кромид ( според мене со 2-3 парчиња е многу подобро) се пропржува сo 2 лажици зејтин колку да смени боја и се додава внатрешниот дел од тиквиците. Смесата се динста едно 5 минути. Во меѓувреме во друг сад се промешуват добро намачканото сирење, ситно исецканиот копар, смесата од тавчето и накрај пченката. Со неа се полнат тиквиците, се стават во загрејана на 180 рерна 15-20минути до златна боја. Рецептот е од тука.

Добро, но јас обично не ги читам до крај рецептите, а кога ќе дочитам, имам споредни дејности и ми излегува од паметот што сум прочитала. Затоа терам по кратката процедура (и без дополнителни садови за миење) - во тавчето го ставив кромидот, потоа тиквиците, смрзнатата пченка и кога се` ми изгледаше готово, ги ставив и намачканото сирење со копарот.
Многу вкусно и заситувачко јадење или предјадење кое некако многу ми оди со зелена салата (марула, рукола, листа од млад спанаќ, малку сусам или мелено ленено семе).
     
Како забелешка: би било супер кога тиквиците ќе бидат по 10 денари, но треба да се пази да не се постари и да имат веќе потвди семки; сирењето треба да се стави во вода за час, за да се извлече малку солта. Изладените тиквици и сирењето може да се избришат со кујнска хартија, за да не пуштат дополнително вода. Ако се исечат на кругови тиквиците, треба да се пази кога се вади внатрешниот дел и да не се направи дупка на дното, за да не тече филот.

Вкупно за 4-6 порции ( ако се направат кругчиња и се користи како предјадење испаѓат многу повеќе порции) - околу 220 денари ( со тиквици од 20 денари парче и со кравјо сирење).

Едно малечко раче брзаше да зема краставици и да копа по тиквиците додека сликав. :)

Компир манџа со праз

Немам нерви да чекам да се вари месо, а и морам да признам дека не сум баш некој фан на месото. До пред некое време не јадев праз. Еднаш седевме со мојата другарка Христина, она имаше спремено салце со праз, зејтин и маслинки. Така убаво ни тргна... Потоа се потсетив и на компир со праз на мајка ми. Добро ама јас секогаш морам да ставам и "нешто од мајсторот"и накрај испадна овој рецепт- посна компир манџа со праз.
  • 2кг компир
  • 2 парчиња праз почистени
  • 4 моркови
  • мало парче целер 
  • мало парче пашканат
  • 1 мек домат
  • 1 чешне лук, сок, магдоноз и зејтин
Компирите се лупат и се сецкат на мали коцки, морковите на кругчиња, празот, целерот и пашканатот-на ситно. Празот, целерот и пашканатот се динстаат со малку вода, сол и штипка шеќер. Потоа се додават компирите, вода и кога ќе се сварат компирите, се додават ренданиот домат, лук, магдоноз и зејтин и тенџерето се трга од рингла.
Испаѓа јадење со весели убави бои кои ја топлат душата во ладното време.

Просо со зеленчук

Доручек за сите според планот.
Ручек - просо со зеленчук. Тоа е лесен за приготвување рецепт, кој се припрема на пониска температура.
  • 1 мала глава кромид
  • 2 моркови (~150гр)
  • 1 мала тиквица
  • 100гр пченка
  • 150 гр просо
Зеленчукот се ренда на едро, се става да се динста со малку маслинов зејтин и вода. Потоа се додава просото, вода 1:4 и се вари под капак на тивко. Се промешува од време на време за да не загори на дното. Зачините се копар и сол.
Вкупно околу 50 денари за 4 големи порции.
Вкусни се и комбинациите со морков и зелка, со карфиол и морков, црвена пиперка...

Салата- марула со ротквици, краставица и маслинки -20 денари за двајца.
Вечерата е од вчера- боранија со салата домати и краставици-40 денари за сите.
Тука морам да признам дека сопругот земал колачиња со чоколадо за десерт. Сите поминавме по неколку пати и кутијата заврши за нема и половина час :)
Без да го ставам трошокот за боранијата - 150 денари за денот.