Рецептите на македонски

Колач со компот од праски за попладневно пиење кафе

Дефинитивно не влегува во категорија „диетален“, но е вкусен и освежува. А и излегуваат многу парчиња.

Тој што сака благо на секакви начини, знае за што зборувам.😁
И така , ми се уврти во глава таа идеја, нема бегање. Ми се јадеше раванија, но надвор едно топло време... некако ми беше тежок колач за во лето. Прегледувајки ги рецептите, ја видов оваа: 

  •  4 јајца
  • 1 чаша шеќер
  • 1 чаша брашно
  • 125гр путер
  • 1 ванилин шеќер
  • плодови од компот (праски или кајсии) 
Рерната се загрева на 180 степени. За тоа време во округла тава со дијаметар 28см се става путерот и се растопува. Одозгора се редат парчињато овошје од компотот. Со миксер се матат јајцата и шеќерот додека шеќерот комплетно се стопи. Потоа постепено со лажица се додават брашното со ванилин шеќерот. Смесата се истура во тавата врз овошјето и се пече додека леко порумени. Колачот се остава да се излади во тавата, во која е испечен. Потоа се вади и се прелива со сокот од компотот.

Рецептот е от блогот [ Аз готвя ], но не се отвара. 
Неколку години чував отпечатена копија на рецептот и не бев воодушевена. Мислев дека ќе испадне млитав. Нема да се крене, бидејки нема прашок за пециво. Има премногу путер, сирупот е малку....Веројатно рецептот е згрешен и секој пат се откажував.
Не знам како се нашла во кујна конзерва компот од праски, но веќе беше тука и требаше да се искористи.  

Во секој случај после повеќе проби колачот најмногу ми се допаѓа со следните измени:

80гр. путер намерсто 125гр.
Конзерва компот, над 800гр ( најмногу му се допаѓа Подравка компот од праски)
Со праски е повкусно одколку со кајсии, овошјето треба да биде без лушпата и да биде исечено на кругови, за да е потенко. Така се собира овошјето од една конзерва во тавата. Во спротивно требат две.

Течноста од компотот обично е малку и правам шербет. За една тава од 28см дополнително ставам една чаша 200мл вода, околу 50 гр шеќер и малку лимонов сок (ако има) во сирупот од компотот. Одкако ќе зоврие, се прави бела пена по ѕидовите на тенџерчето. Од како ќе се изгуби пената, го тргам шербетот од рингла и со лажица полека поливам површината на колачот додека го упие целиот сируп. Покривам со фолија и ставам во фрижидер да се излади убаво. Потоа сечам на коцки, тријаголници - кој какви форми и големини сака и може да се почне со јадење. 
Поубаво изгледа превртен, но обично не ми се занимава.  
На сликата врз колачот има сладолед Страчатела.😎 

Вкупно: околу 200 денари 


Немам навика да купувам компоти. И не сум спремала од дете, кога компотите, џемот и сите видови на зимници беа задолжителен репертоар за време на летните месеци. Сеуште се сеќавам дека 6 лажици шеќер идат на голема тегла за да може компотот убаво да се заслади, притоа човек да не падне во шок од благото. 😄

Сеќавањата од детството ме потсетија на тоа како живеевме пред нашите „заостанати“ земји да се отворат кон западната мода. Луѓето одеа на пазар со текстилни кеси или плетени мрежи, киселото млеко се купуваше во стаклени тегли со алуминиумски капачиња, беше навистина кисело, а не јогурт, и по 3-4 дена во фрижидер скиснување уште повеќе. Сепак, киселото млеко беше задолжително за медицинскиот персонал, оние кои работат во опасни средини или работат ноќна работа. Стаклените шишиња мораше да се вратат во продавницата и да се рециклираат од фабриките, а не да се фрлаат во контејнери. Зимницата беше скоро задолжителна летна активност. Конзервирана храна не се купуваше освен ако не стануваше збор за риба во сос од домати или одреден тип на конзерва месен нарезок кој беше многу популарен во Бугарија и се викаше Русенско варено. Една од моите баби правеше такво чудо и го ставаше во тегли за зимата.
Еден наш обид со зимница беше Тазе ќопоолу.

Се сеќавате на басната за мравката и штурецот - музичар, нели? Или ќе подготвите храна за студените месеци, или ќе седите гладни.

Се разбира, во денешно време, кога имаме пристап до храна од целиот свет и има сè во продавниците, помалку од нас сакаат да го поминат своето време на тоа.
Во наредните месеци, покрај рецептите, ќе ви покажам и некои идеи што дојдоа како резултат на моето учество во проектот „Иднина без пластика“ на Бугарското училиште „Здравеј“ во Скопје.

Враќање на работа - две салати со наут за ручек

     По неколку месеци работа од дома, без вежбање  и со јадење глупости, стресни ситуации, човек скоро и не посветува внимание на сопственото здравје. Тука те наболува, таму нешто те боцкало, ништо, ќе помине.

Но започнуваат да се трупат килограми, да ти биде тешко и да се осеќаш тешко и непријатно. 
Колку и апликации да симнеш на телефон и на компјутер, нештата не се случуват ако не се земеш во раце и почнеш да работиш на своето здравје и да внимаваш.

Враќајки се во канцеларија бев приморана да посветувам малку повеќе време на храната. 

    Важно е поради неколку причини:
  • Контролираш што јадеш - клетките во нашите тела растат, се размножуваат секоја секунда. Нашите тела се обновуваат и затоа ги користат градежните блокови на храната што ја добиваат, т.е. коja ja внесуваме. Ако ги храниме со ѓубре, не можеме да очекуваме да имаме здрави, функционални клетки и организам. Темата е огромна и секако има многу мислења на оваа тема. Постот е лично мислење и јас не ангажирам никого со тоа. Секој треба сам да се заинтересира, да собира информации и да носи свои заклучоци.
  • Имаш план и не мислиш по цел ден што ти се јаде. Го намалуваш стресот. Не доручкувам пред работа. Не можам да стана и да јадам. Ми треба време да се рассонам. Ако немам план, околу 10 веќе мислам што ми се јаде и концентрацијата ми паѓа. Истото се случва и околу 2.30 попладне. 
  • Прашање на средства е. Да, поевтино е да си припремиш храна дома, одколку да купуваш. Не е ни толку тешко. Да, тоа бара планирање и малку поинакво купување на намирници, но вреди. И со тек на време, станува многу побрзо. Тука во Скопје да нарачате сендвич, салата или пица на работа ве чини најмалку 100-150 денари. Покасно ќе се сакате  нешто слатко. Повеќето автомати не враќаат кусур. Ако немате ситни, барате кај колегите и накрај завршувате со неколку наполитанки, некои грицки во фиока. А знаејки дека се тамум тешко дека ќе останат до крај на денот. И тогаш се чувствувате непријатно и тешко.
  • Јадеш  разновидна храна
  • Фрлаш помалку отпадоци и користиш помалку пластика. Сите нарачки со храна доаѓаат во амбалажа за еднократна употреба. Таа се користи за многу кратко време, и прашање е дали повеќето од нив може да се рециклираат и дали воопшто се рециклираат.
    Непријатност е што носиш дополнителен багаж до канцеларијата и враќаш празни кутии. А, понекогаш ги забораваш на работа.😊

    Најлесно за ручек е салата. Во последно време ми излегуваат многу салати од наут на Инстаграм и решив да пробам. Фотографиите се секогаш многу примамливи, но понекогаш рецептите бараат премногу производи, ми изгледаат чудно и не ми се допаѓаат.

Оваа рецепта беше едноставна - като грчка салата с наут 😀 од Instagram профилот на NourishingLoaded Greek Chickpea Chopped Salad

 
Продукти 
  • 1 среден домат, исецкан на парчиња
  • 1 краставица, исецкана на полукругови
  • 1 зелена пиперка 
  • 1/4 глава чрвен кромид
  • 1/2 конзерва исцеден, измиен наут
  • околу 50гр кравјо сирење
  • маслинки Каламата на око
  • За дресинг:
    маслиново масло, јаболков оцет, сол, суво оригано

Би сакала да дадам точни количини за дресингот, но не сум по точните мерки. Да кажеме дека дресингот е дотеран "уметнички" на око 😂.
Та, се се става во танир, се зачинува и салатата е готова.

Втората салата со наут исто е од интернет, но не паметам од каде. Цела конзерва наут ми е многу за едно јадење и со комбинирање на состојките, може да се уклопи во планирање на ручек на работа за три дена.


Продукти
  • Наут
  • Црвен грав (вкупно околу 100гр)
  • мала конзерва туна
  • 3-4 листа марула
  • 1/4глава чрвен кромид
  • 5-6 маслинки
  • За дресинга: маслиново масло, јаболков оцет, сол, малку бибер
Се се меша и се зачинува.
Никаква филозофија! Доколку имате уште грав, може и него да го направите на салата за третиот ден.😎

Во зависност од сезона, двете салати испаѓаат ококу 300 денари.  
Времето за приготвување исто е релативно. Може да се припремат од вечер, со тоа што зачините се стават во посебна мала тегличка и се додадат пред јадење.

Вечер салатата ми е спремна за 5 минути, наутро - за 15. 😅 Убаво што е докажана релативноста на времето, ама до толку ...  

Пријатен ручек!

Дојде време и за споро готвење :)

     Одамна мислам дали slow cooker ќе ми врши работа. Идејата практично вечерата сама да се спрема многу ми се допаѓа во последно време. Читав во форумите и во блогот на  Пеп-чо, кој пратам со години и многу ми се свиѓа. 


    
    Работата е што некои од уредите кои сум сакала да си купам, потоа се покажали како непотребни и имало со што помало, пообично и поежтино да ги заменам. Други, како  уредот за варење на пареамашината за кафе Vivax со термо чаша (мачката е стандарден додаток на се во кујна) 😂и блендерот со шише ги користам стално, но за нив во некоја наредна прилика. 
Каде ќе го чувам, колку место ќе зафаќа, дали нема да е поредната непотребна ствар во кујна?  

    Во периодот на првите карантини минатата многу луѓе се научија да прават леб, кифли, паста и слични одземашти многу време тестенини. Да не се лажеме - аромата на топол леб е неодолива!
 

    Со претходните карантини го прескокнав масовното печење лебови зошто веќе го бев поминала пред неколку години. Затоа правев импровизиран домашен офис со дел за чај, во повторен неуспешен обид да го оставам кафето. 😀

Треба да  кажам дека кој не работел од дома со три деца и домашен миленик, нема видено ништо. Целата ситуација е уште попредизвикувачка од кога ќе се вклучат камери и цело одделение ти е во соба, а работата ти е на телефон и на мејл, наставата е на смени онлјан и мачката бара маж. 😵  

За капак и едното ти дете тера курс хемотерапија ( помеѓу играњето LOL и CS). Издржа херојски со минимални несакани ефекти. Се надеваме дека во иднина се ќе биде во ред иако човек никогаш не знае што го чека.

И така, со повторното зголемување на бројките на позитивни Covid-19 тестови, повторно треба да дремеме дома ( разбирај, да се пазиме и да внимаваме во убаво сончево време, кога децата, а и возрасните треба да бидат надвор заради многу други здравствени придобивки) . 

Затоа  по многу размислување дали ми треба или не такво чудо како slow cooker, решив дека идам и го купувам.

Сега или никогаш!

Вчера, нарамила торба за пазарење САМО за едно пакување пилешки стек и кило кромид(😁аха, друг пат ) со мојата пријателка Кате тргнавме во дождот ( кога инаку ) до продавница. Натоваривме се прилично и на каса го купив уредот во прашање - Adler .

Одиме си ние со кутијата, довдот си врне ама не кој му е гајле!  Важното е дека од денес јадењето ќе се готви само. 😎😂 
 
Распакувањето не помина без набљудувач.

Самиот уред е тежок заради керамичкиот сад. Собира 6,5 литри. Сеуште немам осет колку е тоа во споредба со нормалните тенџериња во кои готвам и тоа се одрази на количината на сол која ставив.

Рецептот, кој го избрав за тест е овој:

Пилешки парчиња со печурки во сос од кромидод блогот на Пеп-чо  ( во варијанта за slow cooker)


1кг кромид, исецкан на полумесеци
350гр печурки
1 кг пилешки стек исечен на 2см дебели ленти
100мл вода ( требаше да биде да е 70мл пиво со 30мл вода)
мајчина душица, хималајска сол, бибер
Пиво заборавив да земам, а со тоа што продавниците затварат во 7 навечер заради полицискиот час и не ми се излегуваше повторно. 

Наредив се во керамичкиот сад во редот кромид - печурки - месо - зачини, го наместив тајмерот, подесив времето за готвење на 5 часа со идејата да биде готово наредното утро в 7.30, за да не се занимавам цел ден со тоа во недела. 


Тајмер е многу практична работа. Подесуваш се од вечерта и наутро се е спремно. Но изумив за аромите.  😁 Си го отвараш прозорот и те мава една магична арома на запржен кромид... рано по сабајлечки...Неделна идила!  

Долго се борив со мирисот на кромид, но не издржав и станав во 7 во недела, отворив пошироко прозорот и за зафатив со доспремање на ручекот. Месото беше сварено одлично, сосот беше токму колку треба. Убавина! Претпоставувам дека може и со батаци, но не ми се допаѓа пилешката кожа и жилите од пилетп во манџата. Готовото јадење може да се запече дополнително во рерна во истиот керамички сад. 

*Белешки - кромидот треба да е многу тенко исецкан и зачините треба да бидат повеќе. Керамичкиот сад беше на пола полн. Претпоставувам дека една лажица сол ќе беше перфектно.

Едниот гарнир е домашно пире од компири, другиот - тазе испечен леб со квасец за мацкање во сосот. Сигурно може да се измисли и нешто покреативно, но кога човек е поспан, не му иде креативата. 😊

Вкупно намирници: околу 500 денари
Време: околу 30 минути за припрема, 4 часа за готвење во slow cooker
 Со лебот и пирето ручекот испаѓа околу 600 денари, 6-8 порции.

Кокосови бонбони со чоколадо

Како што започна целата работа со вируси и карантин, то беше готвење, спремање, печење, сликање - храна од сите страни. Со враќањето на работа се намалија и слики,видеа, а и желбата за спремање. Главно зошто треба време за да готвиш дома. 
Но има и еден друг момент. Се враќаме кон секојдневното "не знам што да јадам на работа". Факт е дека поголемиот дел од денот сме во канцелација или со работни обврски, а не планираме што ќе јадеме, и тоа одзема многу од нашето  внимание и ефикасност.

 Уште полоша е желбата за кафе и нешто благичко околу 2 попладне. 

Во една од утринските емисии видов еден рецепт кој многу ми се допадна Поминаа скоро два месеци пред да го пробам.

200гр кокосово брашно
200гр изладени урми
1ч.л. цимет
100гр црно чоколадо 85%
3 с.л. кокосово масло

Бидејки помина доста време, не ми текнуваше кое како се меша и накрај испадна импровизација.

Урмите, кокосовото брашно и маслото пуштив во сецко. Полесно е во кујнски робот заради количините, но кој што има, се снаоѓа.
Најстариот син нареди хартиени корпи во формата за кафини и потоа со лажица и сила ја стави смесата во корпите на висина околу 1см, пола сантиметар под работ на корпата, за да има место за чоколадото. Ставивме формите да се изладат во фрижидер за еден час, а потоа дополнивме со растопено на пареа чоколадо и повторно во фрижидер на ладење
Изгледаа некако празни и ставивме сушени брусници и гоџи бери.



Дефинитивно после неколку дена се посочни и повкусни.
Вториот обид беше со повеќе путер. Направив топчиња с големина на орев и ги овалав во какао.

Испадна прекрасна ужина со попладневно кафе и навистина вкусен десерт, кој може да се припреми во најразлични комбинации.

Има неколку моменти на кои треба да се пази. По можност да не брза и да чита точно инструкциите ( за разлика од мене) 

На почеток - проверете дали урмите се исчистени од семките пред да ги ставите во сецкото, а не потоа :) Урмите треба да бидат и оладени, не сушени.
Црното чоколадо треба да е со колку може поголема содржина на какао и е повкусно од млечното.
Повеќе путер е подобро..

Испаѓаат 16 форми за мъфини, а топчиња - околу 40 со големина на орев.

Вкупно околу 300 денари.

Палачинковиот предизвик на Mon Ami caffe

Во срцето на Скопската чаршија пред нема и два месеци отвори врати ново кафуле.
Mon Ami е навистина место каде секој љубител на палачинки и добар чај може да ужива со друштво. Пријатната топла атмосфера и љубезните домакини се дел од причините, кои што ќе ве вратат назад многу брзо.
Кога дојдовме за прв пат со двајцата помали синови, едниот се зачуди на лиљаковиот чај кој сервираа на други гости. Ние бевме за палачинки и кафе. 😉


 


Првиот пат две палачинки ги снема за буквално десет секунди!

Затова вчера  Mon Ami ни беа спремили Insane палачинка, како што ја нарече еден од моите синови😆 Бело и кафеаво чоколадо, банана и ситно сецкани какаови колачиња, со шлаг. Мммм!


Мое лично задоволство беше да видам дека не може да изеде се, а така се палеше претходно-што биле за него некакви си палачинки😂👍
Во менито на Mon Ami има огромен избор на палачинки, необични комбинации на чаеви и вкусни сендвичи. Сеуште имаме да испробаме доста од нив.

Местото се наоѓа лесно - до џамијата. Претходно е било кондураџијница со долга историја, за кратко е било пицерија, а потоа било запоставено.
Сопствениците подолго време го сакале местото, но понекогаш е тешко да се донесе одлука и да се ризикува. Сигурна сум дека многу други како мене се среќни од љубовта и посветеноста, со кои е вратен животот на стариот дуќан макар и сега да е место каде можеме да поминеме пријатно времето си со друштво или со децата.

Mon Ami имаат Инстаграм профил и Фејсбук станица  каде можете да дознавате што ново имаат или да споделите како сте го доживеали ова преубаво место.

Организација на менито

Идејата ми со тој блог е да направам експеримент - колку кошта исхраната на фамилија од петорица и миленик во Скопје. 

За да смени човек начин на исхрана и начин на живот треба да се судри, и то да се судри лошо, со некој проблем. За мене таа промена дојде со една слика на мојата фамилија на која јас бев дупла од сите нив.Тогаш побарав помош от нутриционист Тања Турунџиева, започнав да читам и да се интересирам.

 Додека бевме тројца, беше лесно. Кога станавме петорица дефинитивно ми требаше подобра организација. 

Сега во кујна имаме закачени календар со полиња за запишување,листа за пазарење и неделно мени со молив. Тоа не е ништо комплицирано - една табела. Работата е да се има воља за да се планира менито за целата недела. На тој начин се намалува и стресот околу омиленото прашање:  "Што ќе јадеме денес, мамо?". Треба да се имаат во предвид и некои непланирани барања :) Имаме и папка со рецепти кои сме пробали и ни се допаднали.
Менито го правиме со децата и сопругот во сабота за да можеме да испазариме. Делот со пазарењето не е од најзабавните, но не може без тоа. Секоја фамилија има различни потреби и различно време кога се собира. Кога се планира менито мора да се има во предвид и тоа дали некој од родителите носи храна на работа, дали децата престојуват во градинка или во дневен престој. 

За нашата фамилија тоа значи:
  • храна за на работа
  • ужина за во школо
  • вечера за сите
  • јадење за децата пред спиење

Како изгледа нашето мени?



Таква работна верзија правиме со децата. Во текот на неделата нешто се менува, нешто се додава. Обавезно морам да пробам и некој нов рецепт.



Во работната верзија скоро нема спомнато овошје- тоа е така зашто од утро до пред ручек сите ,без средниот син, јадеме овошје какво има. Круши, јаболки, грозје, мушмули. Сосема ми е јасно дека сите деца се различни. Средниот син јадеше многу овошје како бебе.Од кога започна со градинка не сака под никакви услови да јаде овошје, но пие цеден сок и тоа ми е доволно. Доста намаливме и пиењето на млеко затоа што испадна дека најголемиот ми син прави многу шлајм кога пие млеко. Нормално, јогурт и кисело млеко останаа. 

Посен колач со смокви

Не можам да кажам никаков коментар за овој колач освен „МОРАТЕ да го пробате“. Изгледа како многу едноставен рецепт но вкусот е неповторлив.

Потребни состојки:

  • 2 чаши брашно
  • 1 чаша вода
  • 1 чаша шекер во прав
  • 1 чаша масло за јадење
  • 1 к.л сода бикарбона
  • 6-7 зрели смокви од слатко
  • 100 гр. ореви



Во поголем сад се мешаат со лажица сите состојки и се додаваат смоквите ситно исечкани а исто така и оревите ситно исечкани. Се убаво се меша и се истура во тава. Се пече 20 минути на 200 степени. Кога ке се испече се сече на коцки и се наросува со шекер во прав.
Пријатен апетит !

Вкупно:100 денари

Рецепт на Васка Мобиак 

Време за мачкање лебчиња

Нели знаете како понекогаш ни се јаде нештоооо, но да не е манџа. Понекогаш и не знаете каков сендвич да си припремите за на работа или за во школо за децата.
Од друга страна периодите „ааа, ама ја тоа не го јадам“ ми ги кинат нервите.

Затоа како алтернатива доаѓаат премазите.

Едниот е дип со ореви (од една од моите омилени страни Гответе с мен), а другиот е варијанта на Хтипити салата, ко го прави мојата пријателка Кате. Се разбира, намачкани брз домашен леб. 

Бидејки периодов ќе се заредат слави и празници, рецептите може да се искористат и за гости. 


Еве и кои рецепти користам.

Дип со ореви

Потребни продукти

300гр. безсолна урда 
150гр. тазе искршени ореви
2-3 лажици кисело млеко
малку маслиново масло, малку хималајска сол и црн бибер

Оревите се кршат на ситно. Се додават другите продукти и се промешува добро се. Може да се додаде уште малку кисело млеко ако смесата е многу густа,
Пробала суми со мелени ореви, но некако смесата испаѓа потешка.

Варијант на Хтипити салата

Потребни продукти

300гр. безсолна урда
1 зелена пиперка
1/2 зелена лута пиперка
1 чешне лук
2-3 лажици кисело млеко
малку маслиново масло, малку хималајска сол и црн бибер

Кој сака да сецка на ситно зеленчуци - да исецка пиперките и лукот. Кој како мене не сака баш да се замара со тоа , нека ги пушти на сецко. Потоа пиперките се промешуват добро со останатите продукти и готово.

Двата премази коштаат најмногу 300 денари во зависност дали имате дома печени пиперки и ореви или треба да купувате. 

Не знам за вас, но печените пиперки од тегла не ми се посебно омилени. Но сакам  Македонска салата не битно со печени или со свежи пиперки, кравјо, козјо или биено сирење.
Затоа оваа есен поминав еден ден во печење, лупење и пакување на пиперки и чистење на рерната, но вредеше.
Наскоро јадев и нешто многу  многу  вкусно со печени пиперки, што ќе споделам со вас по празниците.😀

Добар апетит!

Пилешко по грчки

Овој рецепт го памтам приготвен од стрина ми. Во годините пред кризата ставаа топено сирење, кое потоа беше заменето од кравјо безсолно сирење и припремано за специјални пригоди. 


Рецептот е многу лесен, но многу вкусен. Останува место и за импровизации. 

Потредни состојки
  • Пилешки батаци, цело пиле или пилешки стекови
  • Путер -1/4 до 1/2 пакување
  • Кисело млеко - 1 канче,може и 2
  • Топено сирење (околу 200 гр.) или меко кравјо сирење (300-400гр.)
  • Чубрица
  • Сол, црн бибер


Пилешкото се реди во стаклена јена тава, се стават киселото млеко, сирење, зачини, одозгора путер и се пече во затворена тава на 200 степени час - час и половина, додека добие убава потпечена кора.

Ништо комплицирано!

Јас не сум баш по батаците и затоа ставам стек кој е посув и бара повеќе путер. 
Иде со зелена салата, Мимоза, салата од свеж спанаќ, Ризлинг и печени јаболки со мед и суво овошје за десерт. :)

Вкупно: 300-450 денари

Пилешко со свежа буковка

Печурките ни се омилено јадење и особено во постите,бидејки и јас и сопругот постиме,многу често ги конзумираме. Но за децата спремам и оброци со месо. Овој рецепт го спремав на двапати во двете варијанти. Не остана ништо од двете ако е тоа мерило за вкусно.

Потребни состојки:

  • 400 гр. свежи печурки буковка
  • 500 гр. пилешко месо
  • 1 главица кромид
  • 1 морков
  • 200 гр. кашкавал
  • 200 мл. павлака
  • сол
  • мешан зачин
  • црн пипер
  • маслиново масло
  • прилог салата
Пилешкото месо најпрво се вари, да омекне убаво или ако е со коска, да се исчисти од коските. Главицата кромид ситно се сецка и заедно со изренданиот морков се пропржува со 2 с.л маслиново масло. Потоа се додаваат печурките исецкани и кратко се пропржува. Се додава пилешкото исецкано на помали парчиња, се додава и павлаката и се зачинува по вкус со сол, црн пипер и мешан зачин. Сето тоа убаво промешано се истура во тава, се ренда одозгора кашкавалот и се пече во рерна околу 20 минути, колку да се запече кашкавалот.
Како прилог може било каква салата - ние одбравме марула со ротквици и младо кромидче.
Пријатен апетит !

Вкупно: околу 270 денари

Домашни бургери

Пред некој ден разговаравме за сендвичи и кој какви сака. Затоа одлучивме да направиме домашни сендвичи.

Еве ја и нашата верзија.


Продуктите се по желба.
Стандардниот состав е:

  • свинска кртина, печена на скара и исецкана на тенки ленти
  • кисели краставички -4, исецкани на тенки ленти
  • домашен тартар сос
  • црвена пиперка - неколку тенки кругови 
  • кромид - 1/2 глава, исецкана на тенки кругови
  • домат - по еден круг за секој сендвич
  • марула - по еден лист за секој сендвич
  • кашкавал - исецкан на тънко
За помалите деца направивме со месо, краставица и кашкавал.

Опцијата со ќофте не е меѓу омилените заради квалитетот на меленото месо.
Еве го и работниот процес - препечени половинки лепче и се останато редиме како ни се свиѓа. :)


Пријатен апетит!

Крап со бело вино и зеленчук

Сликата од овој рецепт одлучив да ја ставам од времето на спремање на јадењето,бидејки така поубаво се гледа како е спремено а останува само да се испече. Повторно во знакот на посните јадења,но јас го правам редовно и кога не се пости.

Потребни состојки:

  • 1 крап (околу 2,5 кг. )
  • 2 моркова 
  • 2 компира
  • 1 целер
  • 1 пашканат
  • 1 главица кромид
  • 2 лимони
  • магдонос
  • 1/2 литар бело вино


Крапот исчистен убаво се мие, се посолува и внатре и надвор и се прават засеци. Жо засеците кои се прават одозгора се ставаат парчиња лимон, а исто и во внатрешноста се стават неколку кругчиња лимон. Зеленчукот се сецка и се меша се заедно. Се полни внатрешноста на рибата, а остатокот се додава во тавата. Масло не се става. Се налева виното и се пече најпрво 1 час покриен со фолија, а потоа уште 1/2 час - 40 минути без фолија на 200 степени.
Пријатен апетит !

Вкупно: околу 500 денари

Паста со пченка

Една од моите омилени рецепти за паста, коja пред многу години ми ја покажа татко ми.



Потребните продукти се:
500 гр. паста њоки, број45 или 46 ( ние ги викаме полжави) 
200гр пченка
2 чешниња лук
1 кафена чаша маслиново масло
1 ч.л. сув босилок
100гр. сирење Грана Падано ( или потврд крави кашкавал)

Ньоките се варат во солена вода според упатството, се исцедуват и се измиват со ладна вода. Во тенџере се загрева маслиновото масло и чешнињата лук. Откако малку ќе се запржи лукот и ќе си ја пушти аромата, се става пченката, малку сол и сувиот босилок. По неколку минути се додаваат њоките и се промешува многу добро, за да се наполни пастата со пченка. 
По кратко промешување, пастата е готова.
Се става во длабок танир, се нарасува со неколку капки маслиново масло и сирење, односно кашкавал.
Ако има свеж босилок, тогаш тој не се става со пченката, а накрај исецкан ситно.

Вкупно: околу 150 денари за 4-5 порции.

Тоа е јаглеходратно јадење, кое најдобро се комбинира со салата марула, ротквици и краставици или зекла салата. Заситува доста, но е добро да се јаде за ручек, за да има време да се истроши енергијата. 

Ролнички од тиквица

Еве денес ке ви пишам за еден посебно интересен вкусен рецепт, спреман за слава. По правило трпеза за слава треба да биде убава,богата и декоративна. Јас секогаш сакам да имам различни јадења и да експериментирам. Овие вкусни ролнички можат да се приготват за секаква пригода, закуска за пријателите,па и за домашно уживање. Дозата може секако да варира, но јас ке ви ја пишам единечната доза со една тиквица. Сега не е сезона на тиквиците, и малку се поскапи,но не е лошо да се знае и да се проба овој рецепт и вон сезона.
Потребни состојки:
  • 1 тиквица
  • 50 гр. урда 
  • 20 гр. сусам (печен)
  • 1 мало чешне лук
  • магдонос
  • 1 морков
  • 50 гр. пченка (варена)
  • маслиново масло
  • сол
  • француски магдонос (за декорација)

Тиквичките се сечат на долки тенки ленти,се попрскуваат со малку маслиново масло и се печат на плотна од ребрастата страна малу за да омекнат. Потоа и морковите се печат на плотната исечени на долги тенки лентички. Кога ке бидат готови, се оставаат да се изладат. Во меѓувреме ја ставаме урдата во еден сад и внатре ставаме истолчен или исецкан лук, магдонос и печен сусам. Сето тоа се меша убаво и филот е подготвен. Потоа земаме тиквичка и на крајот се става по една лажичка од филот и врз него една лентичка морков и неколку зрна од пченката. Се завиткуваат во ролна и се украсуваат со француски магдонос. Од една тиквица изегуваат околу десет парчиња.
Оваа идеја беше моја но вие можете да го менувате составот според вашиот вкус. Цената ќе биде според тиквиците во сезона, но за ова задоволство вреди и да се купи една поскапа тиквица !

Вкупно: 50 денари

Џигер со печурки и кромид

Еве и едно зимно јадење што многу ми се јадеше во последно време.
Не дека не се јаде и летно време, но некако е повкусно кога надвор е ладно.
Продуктите:

  • 500-600гр. пилешки џигер
  • 500гр свежи печурки
  • 2-3 глави кромид
  • еден морков (може и без него)
  • 50мл бело вино (мове и без него, ако јадат и децата)
  • 2-3 с.л. нишесте
  • хималајска сол,бибер, може малку кари


Прво џигерот треба да се свари. Потоа се сецка на парчиња и се остава на страна со течноста. Кромидот се сецка на полумесеци и се пропржува со малку зејтин. Се додават исечените на ленти печурки и сол. Кога ќе изврие водата, се стават џигерот и дел од прецедената течност. Нишестето се промешува убаво со ладна вода и се истура со непрекинато мешање во тиганот.
Се додават и другите зачини. Кога ќе се згусне доволно, е готово.



Може да се сервира со ориз, картофено пире, кус-кус, пилаф.

Вкупно: околу 200 денари

Јунешки гулаш со макарони

Белешка од Маријана:
Наредните неколку дена ќе направиме неколку традиционални рецепти . Убаво е да смениме од време на време.


Секоја постара домаќинка знае да прави гулаш. Тоа е едно од омилените стари јадења, кое се правело многу често и се сметало за вистинска гозба. Многу едноставно се спрема. Но сите го избегнуваат зошто месото треба да се вари малку подолго. Тоа не мора да биде проблем, бидејки месото може да се свари и од вечерта, па следниот ден да го спремите многу брзо.
 Го подготвувам на мој начин, и превкусен е.

Потребни состојки :
  • 500 гр.јунешко месо
  • 2 главици кромид
  • 1 морков
  • 1 парче праз
  • 500 гр. сок од домати или доматно пире
  • мешан зачин или сол
  • црн пипер
  • магдонос
  • 1 пакување макарони (обични или интегрални)
Месото се сецка на мали парчиња и се вари околу два саати,убаво да омекне (во меѓувреме се додава вода колку е потребно). Не се става масло. Откако ке се свари на крај се остава малку вода и се додава во тенџерето сецканиот кромид, празот и рендан морков. Се остава да се издинстаат малку заедно и штом испари водичката се додава доматното пире или сок (или рендани свежи домати). Се посолува, се зачинува и се остава да динста со доматите уште 20-30 минути. На крај се додава и магдоносот. (немав магдонос, ставив малку сув, но не се приметува на сликата)  Макароните се варат на стандарден начин, се цедат и се сервираат со гулашот. Убава комбинација е и со пире од компири. 

Пријатен апетит !


Вкупно: Околу 250 денари

Ориз со свежи печурки

Многу често правам ориз и секогаш го правам различен. Оваа варијанта е особено вкусна и е омилена кај нас дома. А и мене ми доаѓа, зошто не мора да правам ништо друго покрај ова јадење. Печурките се замена за месо, па така имаме комбинација "две во едно".



Потребни состојки :
  • 1 главица кромид
  • 1 чаша ориз(250 гр.)
  • 300 гр. свежи печурки
  • сол или мешан зачин
  • 1 с.л маслиново масло
  • 3 чаши вода
На маслиново масло се пропржува главицата кромид ситно исецкана, и се додаваат печурките исецкани на тенки листови. Откако ке се издинстаат печурките и ќе испари водата,се додава измиениот ориз,се зачинува, се меша и се истура во тава за печење. Се додаваат три чаши вода (најдобар однос на оризот со водата е 3:1), се промешува и се става да се пече на 200 степени околу 25 минути (зависи од рерната,или додека не изврие водата и малку да се запече).
Ставив одозгора малку сув копар, онака за вкус.
Оваа количина е доволна за четири особи,зависи кој колку јаде:)

Пријатен апетит !

Вкупно:70 денари

Пилешка каварма

Не најдов соодветен назив на македонски на овој рецепт и затоа го оставив со оригиналниот назив.

Долго време заборавам да ви го претставам овој рецепт. Количината е за два пати јадење, што е добро барем дома, зошто во текот на работната недела нема многу време за готвење. Да, чудесно е секој ден да имаме нешто различно, но тоа не е секогаш можно. Овој рецепт е од лесните, кои се припремаат брзо и испаѓаат голема количина.


И така, еве ги продуктите:
  • 2 глави кромид
  • 500гр пилешко чисто месо
  • 3-4 моркови
  • 3-4 кисели краставички
  • 300гр печурки
  • 1 пиперка
  • 1 с.л. ситно исецкан корен целер
  • 2 чешниња лук 
  • 2 с.л. доматно пире
  • 1 ч.л. шеќер
  • 1 ловров лист
  • 1 винена чаша црвено вино (околу 60мл)
  • штипка црн бибер 
  • 2 с.л. нишесте (густин)
  • чубрица
  • хималајска сол
Кромидот се сецка на тенки полукругови, морковите и краставичките-на кругчиња, печурките на покрупни парчиња, пилето - на мали парчиња, пиперката - на  ленти, а лукот- на ситно. Се до ловровиот лист се става во длабоко тенџере и се залева со вода колку да покрие.Откако ќе зоврие, јадењето се остава да врие на тивко под капак околу 40 минути. Потоа се ставаат ловровиот лист, виното и се остава уште 10-ина минути под капак. Во меѓувреме густинот се мати убаво со ладна вода и со непрекинато мешање се додава во тенџерето. Јадењето се згуснува многу брзо и ако е потребно се додава уште вода. Се ставаат зачините, се поклопува и се остава на исклучена рингла уште некое време.
Се сервира со компири, ориз или пилаф. Или со топол леб :)
Дома се бара да има повеќе сос за мацкање и обично ставам повеќе вода.
Се надевам дека идејата ви се допаѓа за неделен ручек.

Вкупно: околу 450 денари.

Бомбици од пченица

Бомбиците се слатки кои можат да се прават од најголем број варијанти на состојки. Многупати сум правела од тоа што имам моментално дома и секогаш биле успешни и вкусни. Овојпат ги направив од варена пченица, варев онака, зошто ми се пријаде пченица, и излегоа превкусни бомбици на кои и децата им се израдуваа.

Потребни состојки:
• 200 гр. пченица
• 2-3 с.л мед
• 150 гр. ореви
• малку кокос

Пченицата се вари (околу два саати) Потоа откако ке се олади се меле,јас само малку ја истолчив. Се додава медот и мелените или сецкани ореви. Убаво се соединува цела смеса и се прават бомбиците. Се валкаат во кокос и ореви. Исто така комбинацијата на состојките може да се менува (бадеми, лешници.....) Може да се стави и малку цимет.
Превкусни се, единствено варењето на пченицата трае малку подолго, инаку се прават многу брзо. И излегуваат околу 30 бомбици, зависи од големината.
Пријатен апетит !


Вкупно: 100 денари

Пилешко фрикасе со кари

Наскоро научив дека првите сознанија за такво јадење се од 16в и со суштина фрикасе е месо, пропржено на мали парчиња, обично со бел сос. Модерните времиња носат и модерни рецепти - например фрикасе од целер. На прво читање ми изгледаше многу вкусен рецепт, но се уште собирам храброст да пробам. :)
Затоа денес ви предлагам една варијанта која брзо се нареди измеѓу омилените јадење на децата.




  • 3 пилешки стека (околу 600 грама )
  • 2 +2 с.л. путер или зејтин (дефинитивно со путер е повкусно)
  • 200 гр кисело млеко
  • 2 жолчки
  • 5 с.л. брашно
  • хималајска сол на вкус
  • 1/2 ч.л. кари 
  • сокот од пола лимон

Пилето се измива и се сецка на парчиња, а потоа се пропржува со 2 с.л. путер колку да фати коричка. Овој дел може и да се пропушти. Се залева со 1,5л вода и месото се вари. Течноста и месото се претураат во друг сад, а во тенџерето се ставаaт другите 2 лажици путер. Одкога ќе се растопи, во него се додава брашното и со непрекинато мешање се пече, додека добие златна боја. На тенка струја со постојано мешање (убаво е да е со кујнска жица, за да не станат топчиња од брашното) се враќа течноста, а од кога ќе се згусне, се враќа и пилешкото месо. Ако е потребно, се става малку вода, зошто кога ќе се излади јадењето се згуснува дополнително. Жолчките се матат добро со киселото млеко, сокот од лимон и кари, потоа се додаваат во тенџерата со мешање. Се зачинува со сол на вкус.
Тоа е тоа. Доста протеини се собират и е добро да се комбинира со зеленолисна салата, например марула, рукола, свеж спанаќ или блитва. :)
Наместо пилешки стек може да се користи почистен пилешки карабатак, да се стават печурки и лук.

Вкупно: околу 250-300 денари