Рецептите на македонски

Пилешко по грчки

Овој рецепт го памтам приготвен од стрина ми. Во годините пред кризата ставаа топено сирење, кое потоа беше заменето од кравјо безсолно сирење и припремано за специјални пригоди. 


Рецептот е многу лесен, но многу вкусен. Останува место и за импровизации. 

Потредни состојки
  • Пилешки батаци, цело пиле или пилешки стекови
  • Путер -1/4 до 1/2 пакување
  • Кисело млеко - 1 канче,може и 2
  • Топено сирење (околу 200 гр.) или меко кравјо сирење (300-400гр.)
  • Чубрица
  • Сол, црн бибер


Пилешкото се реди во стаклена јена тава, се стават киселото млеко, сирење, зачини, одозгора путер и се пече во затворена тава на 200 степени час - час и половина, додека добие убава потпечена кора.

Ништо комплицирано!

Јас не сум баш по батаците и затоа ставам стек кој е посув и бара повеќе путер. 
Иде со зелена салата, Мимоза, салата од свеж спанаќ, Ризлинг и печени јаболки со мед и суво овошје за десерт. :)

Вкупно: 300-450 денари

Тиквици полнети со сирење и пченка

Рецептот е лесен, нема кој знае што, но е типично пролетен. Тиквици, свеж зелен кромид, копар.

 Потребни се:
4 тиквици
1 зелен кромид
200гр сирење (убаво е и со козје)
200гр слатка пченка
4 гранчиња свеж копар


Тиквиците се сечат на пола по должината, потоа се бланшират во врела солена вода за 3 минути. Се изладуват, се вади срцевината и се остава на страна, а тиквиците се редат во намаслено тавче или врз пекарска хартија.

И тука започнува убавиот дел.

Сецкан ситно зелен кромид ( според мене со 2-3 парчиња е многу подобро) се пропржува сo 2 лажици зејтин колку да смени боја и се додава внатрешниот дел од тиквиците. Смесата се динста едно 5 минути. Во меѓувреме во друг сад се промешуват добро намачканото сирење, ситно исецканиот копар, смесата од тавчето и накрај пченката. Со неа се полнат тиквиците, се стават во загрејана на 180 рерна 15-20минути до златна боја. Рецептот е од тука.

Добро, но јас обично не ги читам до крај рецептите, а кога ќе дочитам, имам споредни дејности и ми излегува од паметот што сум прочитала. Затоа терам по кратката процедура (и без дополнителни садови за миење) - во тавчето го ставив кромидот, потоа тиквиците, смрзнатата пченка и кога се` ми изгледаше готово, ги ставив и намачканото сирење со копарот.
Многу вкусно и заситувачко јадење или предјадење кое некако многу ми оди со зелена салата (марула, рукола, листа од млад спанаќ, малку сусам или мелено ленено семе).
     
Како забелешка: би било супер кога тиквиците ќе бидат по 10 денари, но треба да се пази да не се постари и да имат веќе потвди семки; сирењето треба да се стави во вода за час, за да се извлече малку солта. Изладените тиквици и сирењето може да се избришат со кујнска хартија, за да не пуштат дополнително вода. Ако се исечат на кругови тиквиците, треба да се пази кога се вади внатрешниот дел и да не се направи дупка на дното, за да не тече филот.

Вкупно за 4-6 порции ( ако се направат кругчиња и се користи како предјадење испаѓат многу повеќе порции) - околу 220 денари ( со тиквици од 20 денари парче и со кравјо сирење).

Едно малечко раче брзаше да зема краставици и да копа по тиквиците додека сликав. :)