Рецептите на македонски

Тиквици полнети со сирење и пченка

Рецептот е лесен, нема кој знае што, но е типично пролетен. Тиквици, свеж зелен кромид, копар.

 Потребни се:
4 тиквици
1 зелен кромид
200гр сирење (убаво е и со козје)
200гр слатка пченка
4 гранчиња свеж копар


Тиквиците се сечат на пола по должината, потоа се бланшират во врела солена вода за 3 минути. Се изладуват, се вади срцевината и се остава на страна, а тиквиците се редат во намаслено тавче или врз пекарска хартија.

И тука започнува убавиот дел.

Сецкан ситно зелен кромид ( според мене со 2-3 парчиња е многу подобро) се пропржува сo 2 лажици зејтин колку да смени боја и се додава внатрешниот дел од тиквиците. Смесата се динста едно 5 минути. Во меѓувреме во друг сад се промешуват добро намачканото сирење, ситно исецканиот копар, смесата од тавчето и накрај пченката. Со неа се полнат тиквиците, се стават во загрејана на 180 рерна 15-20минути до златна боја. Рецептот е од тука.

Добро, но јас обично не ги читам до крај рецептите, а кога ќе дочитам, имам споредни дејности и ми излегува од паметот што сум прочитала. Затоа терам по кратката процедура (и без дополнителни садови за миење) - во тавчето го ставив кромидот, потоа тиквиците, смрзнатата пченка и кога се` ми изгледаше готово, ги ставив и намачканото сирење со копарот.
Многу вкусно и заситувачко јадење или предјадење кое некако многу ми оди со зелена салата (марула, рукола, листа од млад спанаќ, малку сусам или мелено ленено семе).
     
Како забелешка: би било супер кога тиквиците ќе бидат по 10 денари, но треба да се пази да не се постари и да имат веќе потвди семки; сирењето треба да се стави во вода за час, за да се извлече малку солта. Изладените тиквици и сирењето може да се избришат со кујнска хартија, за да не пуштат дополнително вода. Ако се исечат на кругови тиквиците, треба да се пази кога се вади внатрешниот дел и да не се направи дупка на дното, за да не тече филот.

Вкупно за 4-6 порции ( ако се направат кругчиња и се користи како предјадење испаѓат многу повеќе порции) - околу 220 денари ( со тиквици од 20 денари парче и со кравјо сирење).

Едно малечко раче брзаше да зема краставици и да копа по тиквиците додека сликав. :)