Рецептите на македонски

Нешто како мусака со зелка

Денес се мислев што ќе јадеме и ми текна дека имам зелка во фрижидер. Јас кажав зелка, сопругот-растурена сарма. Некако и да ми е ладно, времево не ме асоциира на класичната растурена сарма. А и јас сум далеку од растурената сарма на свекрва ми. Кога  ќе се отвори една огромна тава жежка растурена сарма... па колку леб оди со тоа...еее..., ама зимно време, кога е ладно.
Затоа денешниот рецепт нема кисела зелка, нема ориз, но има други работи.

1 средна до голема зелка
1 голем морков или 2 средни
1 глава стар кромид
400гр ситно мелено јунешко месо
сол, зејтин
1 ч.л. магдоноз

Кромидот се сецка на ситно, исчистените моркови се рендат на ситно ренде и двата зеленчука се пропржуват со малку вода и сол во тавче. Се додава меленото месо и се меша убаво додека стане на многу ситни топчиња. Се додава магдоноз.
Додека се динста целава смеса во тавчето (негде околу 10 минути), се сецка зелката, се става во тавата, во која ќе се пече. Се нарасува со малку сол и се намачкува со рака. Се додава смесата кон зелката, се промешува добро, се додават две чаши вода. Тавата се завиткува во алуминиумска фолија и се пече во претходно загрејана на 180-200 рерна додека е готова зелката. Потоа се трга фолијата, за да се запече малку.

Вкупно - околу 200 денари за полна голема тава (8-10 порции).

Пријатен ручек! :)