Рецептите на македонски

Јунешки гулаш со макарони

Белешка од Маријана:
Наредните неколку дена ќе направиме неколку традиционални рецепти . Убаво е да смениме од време на време.


Секоја постара домаќинка знае да прави гулаш. Тоа е едно од омилените стари јадења, кое се правело многу често и се сметало за вистинска гозба. Многу едноставно се спрема. Но сите го избегнуваат зошто месото треба да се вари малку подолго. Тоа не мора да биде проблем, бидејки месото може да се свари и од вечерта, па следниот ден да го спремите многу брзо.
 Го подготвувам на мој начин, и превкусен е.

Потребни состојки :
  • 500 гр.јунешко месо
  • 2 главици кромид
  • 1 морков
  • 1 парче праз
  • 500 гр. сок од домати или доматно пире
  • мешан зачин или сол
  • црн пипер
  • магдонос
  • 1 пакување макарони (обични или интегрални)
Месото се сецка на мали парчиња и се вари околу два саати,убаво да омекне (во меѓувреме се додава вода колку е потребно). Не се става масло. Откако ке се свари на крај се остава малку вода и се додава во тенџерето сецканиот кромид, празот и рендан морков. Се остава да се издинстаат малку заедно и штом испари водичката се додава доматното пире или сок (или рендани свежи домати). Се посолува, се зачинува и се остава да динста со доматите уште 20-30 минути. На крај се додава и магдоносот. (немав магдонос, ставив малку сув, но не се приметува на сликата)  Макароните се варат на стандарден начин, се цедат и се сервираат со гулашот. Убава комбинација е и со пире од компири. 

Пријатен апетит !


Вкупно: Околу 250 денари

Нешто како мусака со зелка

Денес се мислев што ќе јадеме и ми текна дека имам зелка во фрижидер. Јас кажав зелка, сопругот-растурена сарма. Некако и да ми е ладно, времево не ме асоциира на класичната растурена сарма. А и јас сум далеку од растурената сарма на свекрва ми. Кога  ќе се отвори една огромна тава жежка растурена сарма... па колку леб оди со тоа...еее..., ама зимно време, кога е ладно.
Затоа денешниот рецепт нема кисела зелка, нема ориз, но има други работи.

1 средна до голема зелка
1 голем морков или 2 средни
1 глава стар кромид
400гр ситно мелено јунешко месо
сол, зејтин
1 ч.л. магдоноз

Кромидот се сецка на ситно, исчистените моркови се рендат на ситно ренде и двата зеленчука се пропржуват со малку вода и сол во тавче. Се додава меленото месо и се меша убаво додека стане на многу ситни топчиња. Се додава магдоноз.
Додека се динста целава смеса во тавчето (негде околу 10 минути), се сецка зелката, се става во тавата, во која ќе се пече. Се нарасува со малку сол и се намачкува со рака. Се додава смесата кон зелката, се промешува добро, се додават две чаши вода. Тавата се завиткува во алуминиумска фолија и се пече во претходно загрејана на 180-200 рерна додека е готова зелката. Потоа се трга фолијата, за да се запече малку.

Вкупно - околу 200 денари за полна голема тава (8-10 порции).

Пријатен ручек! :)