Рецептите на македонски

Зелена супа

Оваа супа, jа правам долги години,и на децата секогаш им е интересна.
Боjата е привлечна за секое дете, па и за оние кои не jадат спанаќ.

Потребни состојки:
•200 гр. спанаќ
•1 морков
•1 главица кромид
•1/2 парче праз
•1 компир
•мешан зачин или сол
•црн бибер

Кромидот,морковот,празот и компирот ги сецкаме на покрупни парчиња и ги ставаме во тенџере во вода, кратко да се сварат. Откако ќе омекне зеленчукот, ги додаваме листовите измиен спанаќ.Посолуваме,зачинуваме и веднаш го пасираме зеленчукот со пасатор директно во тенџерето. Може да се стави неколку капки маслиново масло. Откако ќе се испасира се поклопува тенџерето и се остава да отстои на исклучена плоча. Важно е спанаќот да не се готви повеќе од 3-5 минути, вака се задржуваат витамините. Одличната комбинација меѓу празот кој има витамин Ц и спанаќот кој има железо, постигнува максимален ефект и на тој начин се врзуваат во организмот.
По желба се става павлака, јогурт, кисело млеко или лимон.

Пријатен апетит !

Вкупно: околу 50 денари

Во спанаќот се содржи оксална киселина во мали количини и таа е корисна за организмот кога спанаќот се конзумира свеж.Таа се содржи во стеблата и "ребрата" на спанаќот и затоа треба или да одбирате млад спанаќ, или да ги чистите убаво листата. Количината на оксална киселина и нитрати е помала, кога спанаќот е растен на сонце, во лето и есен. При термична обработка оксалната киселина става неорганска и врзувајки се со калциумот од храната, води до камења во бубреците. Затоа се ставаат квалитетни јогурт или кисело млеко. 

Две супи од тиквици

Кога некој ќе чуе "просо", првата асоциација е "ааа, тоа што го јадат пилињата?".
Да, точно тоа. Просото не е доволно застапено во нашата исхрана и тоа треба да се промени.
Таа супа секогаш ме асоциира на сончево пролетно време. Дали е од комбинацијата тиквици-копар не знам. Нема некои посебни намирници, убаво е тиквиците да се во сезона и да се евтини, но да не се стари и со големи семки :)

  • 1 средна тиквица
  • 1 среден морков
  • глава стар кромид 
  • 1 ч.ч. ориз или просо
  • копар, магданоз или други зелени зачини по желба
  • 2 с.л. зејтин при крај на варење

Зеленчуците, исецкани на коцки, се ставаат да се динстат неколку минути со малку вода додека омекнат. Потоа се додава оризот или просото и доволно вода. Супата се вари додека се свари оризот, односно просото.
На левата слика супата е со ориз и не е пасирана, на десната - со просо и пасирана.
Без глутен, посно, лесно се припрема и во двете варијанти- многу вкусно.
Може да се сервира и со препечени коцки леб - уживанција за децата.

Вкупно за цело тенџере - околу 60 денари.




Во некој од наредните денови ќе покажам неколку рецепти за просо со зеленчуци. А до тогаш, пробајте ги овие две супи :)

Вкусна бела супа со снег

Пак отварам фрижидер да видам што ќе правам денес за групата. Гледам умно минута- две, отварам, затварам фиоки. Да, има зеленчук за супа. Добро тоа ќе биде.
  • пола пакување зелечук за супа
  • 1 голема глава кромид
  • 1 чаша ориз
  • 1 јајце на собна температура
  • 200гр кисело млеко исто на собна температура
Зеленчукот се става со малку вода и сол, од кога ќе зоврие се додава и оризот и се дотура околу 2л врела вода.Кога оризот е сварен, треба да се додаде уште вода. Количината е околу 4л. вкупно. Кога ќе се свари убаво оризот манџата се трга на страна да се излади малку. Во тоа време се мати јајцето со киселото млеко. Потоа се меша со мали количини од супата за да се загрее и се истура на тенка струја во супата. Се додават зелените зачини од пакувањето за супа и 2 с.л. зејтин. За сервирање може да се нараси со намачкано сирење. Тоа му били снегулки на едниот син :)


Вкупно околу 50 денари
Испаѓа многу пријатна лесна супа без особени претенции, а количината е за 10-12 порции за возрасни. Моите мали мажи многу ја бендисаа со и без сирење.

По нарачка - супа од печурки

Нарачката беше од најголемиот ми син. Вкусна, лесна и многу брза супа.
Рецептот ми е од еден бугарски форум за мајки. Оригиналниот рецепт е со животинска неутрална павлака за готвење. 

750 гр свежи шампињони
500 мл. павлака за готвење
1коцка за супа ( или 1 ситно рендан морков)
вода
сол

за крутони: 
неколку тенко исечени парчиња интегрален леб, зачини по желба

Пешурките се измиваат и се сецкаат на многу ситно. Се динстаат за кратко со малку вода и сол, се додава коцката за супа и околу 1л вода. Малку пред да зоврие се додава павлаката. Се остава да вие 5-10минути. Потоа се пасира до крем-супа. По потреба се додава уште вода. Со растителна павлака не ми испадна убаво зашто павлаката се двоеше над супата и не се згусна како со животинска павлака.
Крутоните се припремаат од исечениот на мали коцки леб, измешан со зачини по желба и потпечени на суво тавче. 
Ако се измеша лебот со малку доматно пире изматено со вода и зејтин, се додадат босилок и оригано, и се потпечат во рерна коцките, ќе добиете доста голема количина  алтернативни кубети за околу 15 денари.

Цена : 250 денари

Топла супа за душата

Ја сакам оваа зимска супа. Ја најдов минатата зима кога најмалото дете требаше да почне да јаде и друга храна освен мајчиното млеко. Безглутенска супа, погодна за првите месеци на воведување храна.
Во вчерашната варијанта состојките беа тие (околу 12-14 порции):

  • 1 глава кромид
  • парче тиква - 6см дебел круг  
  • мало парче целер, корен
  • мало парче пашканат
  • 3 средни моркови
  • 1 средно голем компир
  • околу 150гр просо
  • малку зејтин
  • неколку листови целер,малку магдонос,сол
  • вода
Прво се ставаат зеленчуците  да се варат со вода колку да ги покрие и сол. Кога ќе почнат да омекнуват компирите, се додава просото и се вари на тивок огин со доволно вода да се покриени зеченчуците. Треба да се промешува често за да не загори. Кога и просото е сварено, крем-супата се пасира и се додаваат зејтин, вода и ситно исецканите зелени зачини.
Изладената супа се згуснува доста и може да се додава уште вода. Хранлива вкусна супа за ненајавени гости и другари на децата :)

Вкупно: околу 60 денари 

Крем-супа од компир и брокула и супа од оранжева леќа

И ако е крај на работната недела за многу мајки тоа е почеток на многу понапорен период, од петок вечер до понеделник наутро.
Морав малку да го променам распоредот зашто прво заборавивме да купиме некои намирница, а потоа не мрзеше малку. А и вчера беше слава.
Затоа мојот брз рецепт кога нема ништо спремно за ручек:

 Крем-супа од компир и брокула

1кг компир
300гр брокула
3 моркови
главица кромид, малку лукче, парче путер, малку копар
Зеленчукот (без кромидот) го ставам да се вари на пареа за 30 минути. Потоа се ставам во тенџере и со додавање на малку вода пасирам до фина крем-супа. По желба на дечките ставаме крутони припремени на брзина во сув тиган измешани со малку зејтин.
Вкупно ~ 80 денари за 8-9 порции


 Оранжева леќа 

Тоа ми беше во план за денес. Оранжевата леќа се вари побрзо и е полесна.
  • 500гр оранжева леќа
  • 1 зелена блага пиперка
  • 1 црвена пиперка
  • 1-2 моркови
  • малку пашканат и малку корен целер
  • глава кромид
  • 2-3 чешниња лук
  • 1 помек домат
  • зачини: малку магданоз, малку мајчина душица и повеќе чубрица
Се (до лукот) исецкано ситно се става да се вари. Од кога ќе се свари (околу 20 минути) се додават лукот, домат, зејтин и зачините и се остава уште малку на ринглата под капак.
Вкупно ~ 100 денари
Тука исто морам да кажам дека ако со време се стават исецкани пиперки и домати во фрижидер може да се помине и малку поевтино.
Тоа е тоа. Салатите беа марула со краставици и ротквици и за вечера -домати.
Утре е денот за желби, ќе видиме што ќе испадне.
Убав викенд :)

Понеделник / 18 ноември - палента и манџа боранија

Денес планот беше еден, но испадна друго. Наместо грашок - боранија.
Обично викендот е период кога се претерува со храна (ако гостуваме на свекрвата тогаш работата излегува от контрола) затоа во понеделник малку полесна храна. 
     Припремата за школо беше круша и бадеми. За на работа -4 јаболки / 20 денари 
Ученикот оди во дневен, а малите доручкуват во градинка.
    Палента за 4 порции - 125гр - 10 денари, со сол,  мало лажиче путер и водата би дошло околу 20 денари.
    Салата правена дома - 30 денари за двајца.
     Вечера: секоја жена мислам дека ќе се согласи со мене - губење на време, нерви и непотребен трошок е готвењето секој ден. Затоа припремата е за денес и утре.
    Боранија ~100 денари за 2 пати јадење
  • 1 пакување жолта боранија 450гр - 60 денари
  • 1 пиперка зелена -4 денари
  • морков -1000гр - 3 денари
  • домат, кромид,пашканат, зелени зачини по желба, 2 чешниња лук, маслинов зејтин - 30 денари
  Се сецкам како ќе му дојде според моментално расположение, ставам да се вари. При крај додавам зејтин, домат, зачините и лук. И толку.
Некои (како мајка ми) се навикнати да стават и компир внатре.
За диеталците една финта - доколку сте навикнати на малку покашести манџи, не бистра чорба, наместо да користите брашно за згустнување, пасирајте за 2-3 секунди  манџата во тенџерето и еве - малку погуста консистенција.
Ако дома имате мажи како моите кои не сакат да јадат исто нешто за ручек и за вечера, тогаш за два ручека или за две вечери и таман количината. А доколку со време ви е текнало да си ставите зеленчук во замрзнувач, боранијата би коштала дупло помалку.
Вкупно ~200 денари со дополнително пола леб и за бебето уште овошје.
Морам да спомнам дека со планирање и место каде да се чуват намирниците може да се помине и поевтино.