Рецептите на македонски

Паста со пченка

Една од моите омилени рецепти за паста, коja пред многу години ми ја покажа татко ми.



Потребните продукти се:
500 гр. паста њоки, број45 или 46 ( ние ги викаме полжави) 
200гр пченка
2 чешниња лук
1 кафена чаша маслиново масло
1 ч.л. сув босилок
100гр. сирење Грана Падано ( или потврд крави кашкавал)

Ньоките се варат во солена вода според упатството, се исцедуват и се измиват со ладна вода. Во тенџере се загрева маслиновото масло и чешнињата лук. Откако малку ќе се запржи лукот и ќе си ја пушти аромата, се става пченката, малку сол и сувиот босилок. По неколку минути се додаваат њоките и се промешува многу добро, за да се наполни пастата со пченка. 
По кратко промешување, пастата е готова.
Се става во длабок танир, се нарасува со неколку капки маслиново масло и сирење, односно кашкавал.
Ако има свеж босилок, тогаш тој не се става со пченката, а накрај исецкан ситно.

Вкупно: околу 150 денари за 4-5 порции.

Тоа е јаглеходратно јадење, кое најдобро се комбинира со салата марула, ротквици и краставици или зекла салата. Заситува доста, но е добро да се јаде за ручек, за да има време да се истроши енергијата. 

Јунешки гулаш со макарони

Белешка од Маријана:
Наредните неколку дена ќе направиме неколку традиционални рецепти . Убаво е да смениме од време на време.


Секоја постара домаќинка знае да прави гулаш. Тоа е едно од омилените стари јадења, кое се правело многу често и се сметало за вистинска гозба. Многу едноставно се спрема. Но сите го избегнуваат зошто месото треба да се вари малку подолго. Тоа не мора да биде проблем, бидејки месото може да се свари и од вечерта, па следниот ден да го спремите многу брзо.
 Го подготвувам на мој начин, и превкусен е.

Потребни состојки :
  • 500 гр.јунешко месо
  • 2 главици кромид
  • 1 морков
  • 1 парче праз
  • 500 гр. сок од домати или доматно пире
  • мешан зачин или сол
  • црн пипер
  • магдонос
  • 1 пакување макарони (обични или интегрални)
Месото се сецка на мали парчиња и се вари околу два саати,убаво да омекне (во меѓувреме се додава вода колку е потребно). Не се става масло. Откако ке се свари на крај се остава малку вода и се додава во тенџерето сецканиот кромид, празот и рендан морков. Се остава да се издинстаат малку заедно и штом испари водичката се додава доматното пире или сок (или рендани свежи домати). Се посолува, се зачинува и се остава да динста со доматите уште 20-30 минути. На крај се додава и магдоносот. (немав магдонос, ставив малку сув, но не се приметува на сликата)  Макароните се варат на стандарден начин, се цедат и се сервираат со гулашот. Убава комбинација е и со пире од компири. 

Пријатен апетит !


Вкупно: Околу 250 денари

Мафини од палента

 Децата ми побараа палента за вечера. Јас за да не биде секогаш иста класична варена палента, решив да пробам наместо проја мафини да направам палента мафини. Многу брзо ги подготвив и не згрешив. Сите се изедоа, и малку ни беа еден калап со 12 мафини. Јас ги направив вака:

Состојки:
• 3 јајца
• 350 мл. јогурт
• 120 мл. масло
• 250 гр. палента
• 150 гр. бело брашно
• 1 прашак за пециво
• сол
• 150 гр. козјо сирење
• сусам
• ленено семе

Јајцата се матат малку со метална жица (не со миксер). Се додава маслото, јогуртот, брашното, палентата, пецивото и се посолува. Се убаво се соединува. Калапот се премачкува со путер и се полни најпрво до половина. Потоа во секој дел ставаме по едно парче козјо сирење (тука може да се стави кашкавал, некој вид зеленчук - домат, брокула, варен морков, печурки..) и потоа се покрива со останатата смеса, за да се дополнат калапите. Одозгора се нарасува сусам и ленено семе (може и мелен лук, морска сол, ким, оригано...). Се печат во загреана рерна на 220°С 20 минути.
Многу се вкусни и здрави. Од состојките имав се дома. Само погледнав дали имам јогурт во фрижидер. Имав, за среќа и така убаво се нагостивме. Само следниот пат треба во поголем калап да правам:)
Исто е убаво што може и во овој рецепт да се ставаат состојки по вкус и може да се направат најразлични комбинации.
Пријатен апетит !

Вкупно: околу 100 денари

Интегрални лепиња со кромид и кашкавал

Рецептот е од тука-блогот Мед и млеко. Го имам од многу време и до сега ги правев со бело брашно.
Пробата со интегрално и некои измени испадна многу добро.

2 и 3/4 ч.ч. интегрално брашно (може и 3 чаши да дојдат)
1 с.л. кафен шеќер
2 ч.л. прашок за пециво
2 с.л. ситно исецкан стар кромид
1ч.ч. рендан кашкавал(околу 100г)
3/4 ч.ч. млеко (или малку повеќе)
1 с.л. зејтин или растопен путер
1 јајце
2 ч.л. сенф
1/2 ч.л. чубрица
сусам за нарасување + уште 1 јајце или нерастопен путер

Рерната се пушта на 220 степени да загрева. Се припрема тава обложена со пекарска хартија.

Во длабок сад се стават брашното, прашокот за пециво, шеќерот и чубрицата. Се додава и кромидот и кашкавалот и се промешува. Јајцето се мати со зејтинот, млекото и сенфот.
Се соединуват течните со сувите состојки, се мешат додека се добие меко тесто, кое се става врз набрашнета површина. Со набрашнети раце се оформуват лепиња (12-16 парчиња).
Опција 1: се мати едно јајце, питките се премачкуват со него и се нарасуват со сусам;
Опција 2: во средина на секоја питка се прави дупче со прст во кое се става сосема малку путер.
Лепињата се печат околу 20 минути или готовност. Се сервират топли.



Не знам защо на моите обично им требаат 30 минути за печење и 10 за да бидат изедени. Втората слика е тазе-тазе, дури жежки. Со бело брашно, свеж кромид, премазани со јајце и нарасени со интегрален сусам и ленено семе.

Вкупно - околу 60 денари

Бабините банички...малку поинакви

Ви текнува на старите ќумбиња на кои може да се готви? Крчкање со часови...мм, вкусно.
На овие банички не им требат часови за припрема, ама ако се повеќе гладните, тој што ги сука и ги пече направо е окапал кај ринглата :) На времето тоа беше едната ми баба. Таа ги печеше директно на ринглата. Сега како помодерни, печеме на тавче за кое не е потребен зејтин, путер... демек суво тавче. Состојките се сосема прости, но резултатот е многу вкусен. Со еден убав чај од мајчина душица и лимон... Да не претерувам, еве ги состојките:
  • 1 1/2 ч.ч. вода
  • 1 ч.л.сол
  • 1 с.л. зејтин
  • интегрално брашно колку е потребно за меко тесто ( околу 4  чаши ми беа потребни, но се додаваат по малку, не се од еднаш)
И така - се меси меко тесто од кое се земаат топчиња колку мало киви ( да речеме), се сука тенка кора со помош на дополнително брашно. Јас најдов малку бело и го користев него за сукањето. Може да се пече и така како круг, на добро загрејано суво тавче. За децата направив со малечко парче путер и намачкано сирење во средина на кругот, а краевите се завиткуват да се добие правоаголник, кој може да се истенчи уште малку со сукалката. Убаво е испечените банички да се чуват под капак, за да се меки.
Се печат брзо, но веќе на десетата баничка некако започнав да се осеќам мааалку зезната зашто наместо да се трупат банички под капакот, се трупаа празни танири кои чекаа да бидат наполнети.
Ќе заборавев колку чинеа.
Вкупно за околу 15 банички и 2 "палачинки" - околу 20 денари.