Рецептите на македонски

Колач со компот од праски за попладневно пиење кафе

Дефинитивно не влегува во категорија „диетален“, но е вкусен и освежува. А и излегуваат многу парчиња.

Тој што сака благо на секакви начини, знае за што зборувам.😁
И така , ми се уврти во глава таа идеја, нема бегање. Ми се јадеше раванија, но надвор едно топло време... некако ми беше тежок колач за во лето. Прегледувајки ги рецептите, ја видов оваа: 

  •  4 јајца
  • 1 чаша шеќер
  • 1 чаша брашно
  • 125гр путер
  • 1 ванилин шеќер
  • плодови од компот (праски или кајсии) 
Рерната се загрева на 180 степени. За тоа време во округла тава со дијаметар 28см се става путерот и се растопува. Одозгора се редат парчињато овошје од компотот. Со миксер се матат јајцата и шеќерот додека шеќерот комплетно се стопи. Потоа постепено со лажица се додават брашното со ванилин шеќерот. Смесата се истура во тавата врз овошјето и се пече додека леко порумени. Колачот се остава да се излади во тавата, во која е испечен. Потоа се вади и се прелива со сокот од компотот.

Рецептот е от блогот [ Аз готвя ], но не се отвара. 
Неколку години чував отпечатена копија на рецептот и не бев воодушевена. Мислев дека ќе испадне млитав. Нема да се крене, бидејки нема прашок за пециво. Има премногу путер, сирупот е малку....Веројатно рецептот е згрешен и секој пат се откажував.
Не знам како се нашла во кујна конзерва компот од праски, но веќе беше тука и требаше да се искористи.  

Во секој случај после повеќе проби колачот најмногу ми се допаѓа со следните измени:

80гр. путер намерсто 125гр.
Конзерва компот, над 800гр ( најмногу му се допаѓа Подравка компот од праски)
Со праски е повкусно одколку со кајсии, овошјето треба да биде без лушпата и да биде исечено на кругови, за да е потенко. Така се собира овошјето од една конзерва во тавата. Во спротивно требат две.

Течноста од компотот обично е малку и правам шербет. За една тава од 28см дополнително ставам една чаша 200мл вода, околу 50 гр шеќер и малку лимонов сок (ако има) во сирупот од компотот. Одкако ќе зоврие, се прави бела пена по ѕидовите на тенџерчето. Од како ќе се изгуби пената, го тргам шербетот од рингла и со лажица полека поливам површината на колачот додека го упие целиот сируп. Покривам со фолија и ставам во фрижидер да се излади убаво. Потоа сечам на коцки, тријаголници - кој какви форми и големини сака и може да се почне со јадење. 
Поубаво изгледа превртен, но обично не ми се занимава.  
На сликата врз колачот има сладолед Страчатела.😎 

Вкупно: околу 200 денари 


Немам навика да купувам компоти. И не сум спремала од дете, кога компотите, џемот и сите видови на зимници беа задолжителен репертоар за време на летните месеци. Сеуште се сеќавам дека 6 лажици шеќер идат на голема тегла за да може компотот убаво да се заслади, притоа човек да не падне во шок од благото. 😄

Сеќавањата од детството ме потсетија на тоа како живеевме пред нашите „заостанати“ земји да се отворат кон западната мода. Луѓето одеа на пазар со текстилни кеси или плетени мрежи, киселото млеко се купуваше во стаклени тегли со алуминиумски капачиња, беше навистина кисело, а не јогурт, и по 3-4 дена во фрижидер скиснување уште повеќе. Сепак, киселото млеко беше задолжително за медицинскиот персонал, оние кои работат во опасни средини или работат ноќна работа. Стаклените шишиња мораше да се вратат во продавницата и да се рециклираат од фабриките, а не да се фрлаат во контејнери. Зимницата беше скоро задолжителна летна активност. Конзервирана храна не се купуваше освен ако не стануваше збор за риба во сос од домати или одреден тип на конзерва месен нарезок кој беше многу популарен во Бугарија и се викаше Русенско варено. Една од моите баби правеше такво чудо и го ставаше во тегли за зимата.
Еден наш обид со зимница беше Тазе ќопоолу.

Се сеќавате на басната за мравката и штурецот - музичар, нели? Или ќе подготвите храна за студените месеци, или ќе седите гладни.

Се разбира, во денешно време, кога имаме пристап до храна од целиот свет и има сè во продавниците, помалку од нас сакаат да го поминат своето време на тоа.
Во наредните месеци, покрај рецептите, ќе ви покажам и некои идеи што дојдоа како резултат на моето учество во проектот „Иднина без пластика“ на Бугарското училиште „Здравеј“ во Скопје.

Кокосови бонбони со чоколадо

Како што започна целата работа со вируси и карантин, то беше готвење, спремање, печење, сликање - храна од сите страни. Со враќањето на работа се намалија и слики,видеа, а и желбата за спремање. Главно зошто треба време за да готвиш дома. 
Но има и еден друг момент. Се враќаме кон секојдневното "не знам што да јадам на работа". Факт е дека поголемиот дел од денот сме во канцелација или со работни обврски, а не планираме што ќе јадеме, и тоа одзема многу од нашето  внимание и ефикасност.

 Уште полоша е желбата за кафе и нешто благичко околу 2 попладне. 

Во една од утринските емисии видов еден рецепт кој многу ми се допадна Поминаа скоро два месеци пред да го пробам.

200гр кокосово брашно
200гр изладени урми
1ч.л. цимет
100гр црно чоколадо 85%
3 с.л. кокосово масло

Бидејки помина доста време, не ми текнуваше кое како се меша и накрај испадна импровизација.

Урмите, кокосовото брашно и маслото пуштив во сецко. Полесно е во кујнски робот заради количините, но кој што има, се снаоѓа.
Најстариот син нареди хартиени корпи во формата за кафини и потоа со лажица и сила ја стави смесата во корпите на висина околу 1см, пола сантиметар под работ на корпата, за да има место за чоколадото. Ставивме формите да се изладат во фрижидер за еден час, а потоа дополнивме со растопено на пареа чоколадо и повторно во фрижидер на ладење
Изгледаа некако празни и ставивме сушени брусници и гоџи бери.



Дефинитивно после неколку дена се посочни и повкусни.
Вториот обид беше со повеќе путер. Направив топчиња с големина на орев и ги овалав во какао.

Испадна прекрасна ужина со попладневно кафе и навистина вкусен десерт, кој може да се припреми во најразлични комбинации.

Има неколку моменти на кои треба да се пази. По можност да не брза и да чита точно инструкциите ( за разлика од мене) 

На почеток - проверете дали урмите се исчистени од семките пред да ги ставите во сецкото, а не потоа :) Урмите треба да бидат и оладени, не сушени.
Црното чоколадо треба да е со колку може поголема содржина на какао и е повкусно од млечното.
Повеќе путер е подобро..

Испаѓаат 16 форми за мъфини, а топчиња - околу 40 со големина на орев.

Вкупно околу 300 денари.

Посен колач со смокви

Не можам да кажам никаков коментар за овој колач освен „МОРАТЕ да го пробате“. Изгледа како многу едноставен рецепт но вкусот е неповторлив.

Потребни состојки:

  • 2 чаши брашно
  • 1 чаша вода
  • 1 чаша шекер во прав
  • 1 чаша масло за јадење
  • 1 к.л сода бикарбона
  • 6-7 зрели смокви од слатко
  • 100 гр. ореви



Во поголем сад се мешаат со лажица сите состојки и се додаваат смоквите ситно исечкани а исто така и оревите ситно исечкани. Се убаво се меша и се истура во тава. Се пече 20 минути на 200 степени. Кога ке се испече се сече на коцки и се наросува со шекер во прав.
Пријатен апетит !

Вкупно:100 денари

Рецепт на Васка Мобиак 

Бомбици од пченица

Бомбиците се слатки кои можат да се прават од најголем број варијанти на состојки. Многупати сум правела од тоа што имам моментално дома и секогаш биле успешни и вкусни. Овојпат ги направив од варена пченица, варев онака, зошто ми се пријаде пченица, и излегоа превкусни бомбици на кои и децата им се израдуваа.

Потребни состојки:
• 200 гр. пченица
• 2-3 с.л мед
• 150 гр. ореви
• малку кокос

Пченицата се вари (околу два саати) Потоа откако ке се олади се меле,јас само малку ја истолчив. Се додава медот и мелените или сецкани ореви. Убаво се соединува цела смеса и се прават бомбиците. Се валкаат во кокос и ореви. Исто така комбинацијата на состојките може да се менува (бадеми, лешници.....) Може да се стави и малку цимет.
Превкусни се, единствено варењето на пченицата трае малку подолго, инаку се прават многу брзо. И излегуваат околу 30 бомбици, зависи од големината.
Пријатен апетит !


Вкупно: 100 денари

Посен десерт со тиква

Пред доста време споделив рецепт за нешто благо кое може да се касне како ужина , например во училиште.
Наскоро видов една поздрава варијанта од нутриционистот Надја Петрова. Нејзината страна Nature Insider е полна со чудесни рецепти и совети.
Пошто се е прашање на вкус, еве ги и состојките на око:

  • околу 1кг тиква
  • 2 с.л. кокосово масло или друго ладно пресовано масло, а може и путер
  • 4-5 с.л. мед или друг природен засладувач (например стевија, но тука не знам точна количина) 
  • штипка хималајска сол
  • 1/2 ч.ч. ореви
Тиквата се вари и се остава да се излади 15 минути. Потоа се пасира на фин крем со маслото, засладувачот и сол. Во чаша или друг сад за послужување се става до пола, се редат оревите и се става уште крем. Се чува во фрижидер.
Тиквата, како и морковите, е богата на бета каротен, но за да го претвори во витамин А, нашето тело има потреба од масти. 
Затоа оваа варијанта е подобра од претходната со бисквити.Исто може да се стави суво овошје или зачини по желба.

Шишарки со мед и чоколадо

Овој рецепт во нашето семејство се прави многу одамна. Можеби некој го знае, но сепак мислам дека вреди да се сподели и да се проба. Здрав десерт ретко се јаде,освен овошјето и некои житарки. Така овој десерт мислам дека ќе си најде место во секој дом.

Потребни состojkи :
• 1 кеса експандирани житарки (на пример од пченка и ориз со какао (чоко макс) )
• 1 путер (250гр)
• 100 гр. шеќер (може и кафеав шеќер или стевија)
• 1 црно чоколадо за готвење
• 4 лажици какао
• 7 лажици мед
• 100 гр. сусам

Најпрво путерот се става во подлабоко тенџере да се растопи,заедно со шеќерот. Откако ќе се растопат се додава чоколадото скршено на парчиња, а по него - какаото и медот. Сето тоа се остава на тивко да проврие околу 7-8 минути (не треба многу долго бидејки ќе станат тврди кога ќе се оладат)  и потоа се додаваат житариците и сусамот. Се убаво се меша (со голема дрвена лажица) и откако ќе се соедини убаво, додека е топла смесата, се прават форми во калапче, лажица за сладолед или нешто слично (за овие го користев капакот на цедилката за лимон). Откако убаво ке се изладат може да се јадат. Лесно и здраво!
Пријатен апетит !

Вкупно : околу 200 денари за 40 големи парчиња или 60 со големина на орев

Домашно мусли според желбите


Факт е дека голем дел од детскиот вкус се влијае од телевизијата и рекламите. Средно пакет мусли од 1кг кошта 170 денари и внатре се во главно овесни или пшенични снегулки и минимална количина суво овошје. За помали деца тешко се џвака таа комбинација и мораме да додаваме корнфлејкс и "пуфки" (експандирани житарици). Ако сакате да го пробате рецептот на моите мали мажи, еве го предлогот: 


База-околу 130 денари.
 - 1 пакување корнфлејкс без шеќер (300гр)
 - 1 пакување мешавина  снегулки од 4 житарици (300гр)
 - 1 пакување мешавина експандирани 4 житарици (100гр)
До тука количината е огромна и се собира во кутија 25*25*15см и е доволна за 10-14 порции. За една голема порција се потребни 50-80 гр.
 - Јогурт, кисело млеко, свежо цеден сок или вода

Додатоци:
 - Сушено овошје - брусница, ситно исецкани кајсии, сливи, ананас - една полна супена лажица е доволна како количина за една порција, средна количина 20гр- цена 10 денари
 - Свежо овошје - јаболка, свежи кајсии, праски, јагоди според сезонот- 5 денари.
 - Интегрален сусам и ленено семе -тазе мелени, тиквени семки
 - Чиа - тоа е малку скапа намирница, препорачаната количина според етикетата е 35гр (2 ч.л.) и тоа се околу 45 денари. И пак јас би ставила една лажичка.
 - Јатки - ореви, бадеми, лешници - сурови - 5 денари.

И така: математиката за 1 голема порција домашно мусли со сушена брусница, една јаболка, ленено семе и сусам мелени, лажица чиа и мелени јатки, со јогурт:  околу 50 денари. Тоа е најскапата опција која спремивме, најголемиот син проба и одобри и е повеќе од доволно за возрасен кој не е на диета.
Во пати подобар појадок од четвртина бурек.






Школска ужина со тиква

Знам дека е сезонот на тиква, праз и слично, ама ми дојдоа малку повеќе тиквите во кујна.
Минатата недела два дена супа од тиква, вчера печена во рерна и таман си мислев "пуу, ми остана уште едно мало парче за брз десерт" и денес нова количина. Затоа новото големо парче го исеков на помали и го сварив на пареа, ставив во кесички и замрзнав во фризер. Добро, но остана помалото за десертот.

Утре ученикот ќе носи една чаша тиква со ореви украсена со резени јаболко.
Количината сварена тиква е околу 600 грама, 4 бисквити, шака ореви, 1 лажичка цимет, 2 лажици суво грозје и 3 супени лажици мед, кафеав шеќер или друг засладувач.
Убаво се намачкува тиквата со вилушка, бисквитите и оревите се мелат на покрупно. Се` се размешува и се полни во садчиња.  Се декорира со тенко исецкани парчиња јаболко.
Една пластична чаша за вода е доволна за едно поголемо дете или за возрасен.

Вкупно за 6 порции: 50  денари

Црни овци во нашата кујна









Многу пати слушам како во градинка имало многу убави бомбици.И јас да се направам на домакинка решив - денес ќе правам бомбици. А поима немам како се прават бомбици, само знам дека се округли.Добро, отворив шкафовите да видам што има. Имаше жито, нешто ореви, малку суво грозје... Ставив да се вари на пареа житото - за 200 грама жито беа потребни околу час и 20 минути. Во тоа време сомеливме 5  бисквити и една шака ореви, кора од пола портокал и 4 с.л. шеќер. Испаднаа околу 50 топчиња со големина колку среден орев. Прво требаше да останат така,  но не ми изгледаа убаво, некако ми дојдоа бушави и со најголемиот син покривме дел со кокос, дел со темно какао. Тие со какао ни личеа на овци и така станаа црни овци.

Вкупно околу 30 денари за 50 парчиња

Рецептите на Ангелина


Ангелина е Ангелина Илиева Трпкова, не се знаеме лично, се надевам некогаш да се видиме :) Во групата За подобри услови во градинките понуди неколку лесни и здрави рецепти за децата во градинка.
  •   1,5кг банани или јаболки, 1 ќеса овесни снегулки, 100-150гр мед, 100гр 4 семиња од Виталиа (б.а.- неколку пати сум имала лошо искуство со тие готови смеси, затоа подобро е да се сомелат рамни количини тиквено и сончогледово семе, интегрален сусам и ленено семе пред да се припреми ужинката). Доколку се прави со банани истите се пасираат, а јаболките се рендаат. Овошјето се меша со снегулките, медот и семињата. Со лажица се прават форми и потоа се печат на 200*С околу 20 минути. По груба пресметка ова би чинело 150-200 денари за 20 деца, одприлика по 10 денари од дете, колку чини една тортица.
  •  Стабилизирани пченични никулци 200гр. чинат 25 денари кои во комбинација со чоколадо во прав или какао ,можат да заменат Чоколино. Со 200гр сигурно можат да се најадат 5-6 дечиња и вклучувајќи и 20тина денари за какао или чоколадо доаѓаме до сума од 45-50 денари која споредена со чоколино кое чини веројатно повеќе од 80 денари,заштедуваме 30-35 денари (за сува маса,  без млеко).
  • За крај една торта: 500гр.пченица (сварена и сомелена), 200гр бисквити, 100-150гр. мед, 200гр смеса од семиња. Се се меша и бидејки смесата е повлажна би требало да се јаде со лажица. Мислам дека и оваа доза е доволна за 20 деца, а повторно чини 150-170 денари, со малопродажни цени. Вака излегува по 50гр на дете, но доколку се дуплира дозата би задоволила хранливи вредности за појадок. Како ужинка би чинечп 8 денари, а како појадок - 16 денари.
Наскоро и слики...

Витаминска салата и мафини со моркови и калинка

После синоќешното печење на мафини и леб, еве и резултатот.

Рецептот е од еден мој омилен блог Honey and milk и трпи многу измени.
Вчера состојките беа:
  • 1 јајце
  • 3/4 чаша јогурт
  • 1/4 чаша маслинов зејтин (зашто заборавив да го извадам путерот од фрижидер)
  • 2-3 супени лажици мед (на око+малку од мајсторот)
  • ванилин шеќер, но ако имав ванила екстракт, тоа ќе ставев
  • 2 чаши обично брашно
  • 1 чајна лажичка прашок за пециво
  • 1/2 чајна лажичка сол 
  • 1/2 чајна лажичка сода
  • 2 рендани на ситно моркови
  • сокот и малку кора од 1/2 лимон
  • семките од една калинка (тука беше голема занимација со чистењето, пола ги изедовме)
Јајцето се мати убаво со вилушка, потоа се додават состојките до брашното, се промешуват добро. Потоа останатите состојки на куп и мешање додека нема буци брашно. Во меѓувреме се загрева рерната на 180 без вентилатор. Може и на 160 со вентилатор, но мафините тогаш испаѓаат криви на страна. Тука морам да спомнам дека треба да се пази од мали белаџии кои на поминување појачуват на 250 степени. Ако имате хартиени корпи - супер, ако немате - калапите намачкани со путер и наполнети на 2/3. Потоа печење за 20-25 минути. Од кога ќе се извадат од рерна, по 5 минути се вадат на решетка за да се изладат. Нема потреба да ги спомнувам пак поминуваштите белаџии и сопрузи.
Вкупно ~ 120 денари за 12 големи мафини.
Во тој варијант на  рецептот најмногу качува цена медот.Затоа доколку се користи шеќер цената би паднала на 70-80 денари за 12 парчиња. Малку се повлажни од мафините со обично млеко.

Еден мафин и ореви беа ужината на ученикот и нашиот десерт со кафе на работа.
Ручекот - просото од вчера и витаминска салата.

Витаминска салата - наш варијант:
  • 100 гр моркови
  • 10 гр целер корен
  • по 100 гр трупка, дајкон, цвекло и зелка
  • 2 листа марула за боја
  • малку лук, сол, јаболков оцет и зејтин
Вкупно ~ 40 денари за двајца

Вечерата беше на брзинка - крем-супа од компир со морков и брокула (за 2 пати јадење на сите нас петорица - 90 денари) и салата домати, краставица и зелена пиперка ( 30 денари).
За утре - една брза салата со туна и моркови.