Рецептите на македонски

Посен десерт со тиква

Пред доста време споделив рецепт за нешто благо кое може да се касне како ужина , например во училиште.
Наскоро видов една поздрава варијанта од нутриционистот Надја Петрова. Нејзината страна Nature Insider е полна со чудесни рецепти и совети.
Пошто се е прашање на вкус, еве ги и состојките на око:

  • околу 1кг тиква
  • 2 с.л. кокосово масло или друго ладно пресовано масло, а може и путер
  • 4-5 с.л. мед или друг природен засладувач (например стевија, но тука не знам точна количина) 
  • штипка хималајска сол
  • 1/2 ч.ч. ореви
Тиквата се вари и се остава да се излади 15 минути. Потоа се пасира на фин крем со маслото, засладувачот и сол. Во чаша или друг сад за послужување се става до пола, се редат оревите и се става уште крем. Се чува во фрижидер.
Тиквата, како и морковите, е богата на бета каротен, но за да го претвори во витамин А, нашето тело има потреба од масти. 
Затоа оваа варијанта е подобра од претходната со бисквити.Исто може да се стави суво овошје или зачини по желба.

Шишарки со мед и чоколадо

Овој рецепт во нашето семејство се прави многу одамна. Можеби некој го знае, но сепак мислам дека вреди да се сподели и да се проба. Здрав десерт ретко се јаде,освен овошјето и некои житарки. Така овој десерт мислам дека ќе си најде место во секој дом.

Потребни состojkи :
• 1 кеса експандирани житарки (на пример од пченка и ориз со какао (чоко макс) )
• 1 путер (250гр)
• 100 гр. шеќер (може и кафеав шеќер или стевија)
• 1 црно чоколадо за готвење
• 4 лажици какао
• 7 лажици мед
• 100 гр. сусам

Најпрво путерот се става во подлабоко тенџере да се растопи,заедно со шеќерот. Откако ќе се растопат се додава чоколадото скршено на парчиња, а по него - какаото и медот. Сето тоа се остава на тивко да проврие околу 7-8 минути (не треба многу долго бидејки ќе станат тврди кога ќе се оладат)  и потоа се додаваат житариците и сусамот. Се убаво се меша (со голема дрвена лажица) и откако ќе се соедини убаво, додека е топла смесата, се прават форми во калапче, лажица за сладолед или нешто слично (за овие го користев капакот на цедилката за лимон). Откако убаво ке се изладат може да се јадат. Лесно и здраво!
Пријатен апетит !

Вкупно : околу 200 денари за 40 големи парчиња или 60 со големина на орев

Домашно мусли според желбите


Факт е дека голем дел од детскиот вкус се влијае од телевизијата и рекламите. Средно пакет мусли од 1кг кошта 170 денари и внатре се во главно овесни или пшенични снегулки и минимална количина суво овошје. За помали деца тешко се џвака таа комбинација и мораме да додаваме корнфлејкс и "пуфки" (експандирани житарици). Ако сакате да го пробате рецептот на моите мали мажи, еве го предлогот: 


База-околу 130 денари.
 - 1 пакување корнфлејкс без шеќер (300гр)
 - 1 пакување мешавина  снегулки од 4 житарици (300гр)
 - 1 пакување мешавина експандирани 4 житарици (100гр)
До тука количината е огромна и се собира во кутија 25*25*15см и е доволна за 10-14 порции. За една голема порција се потребни 50-80 гр.
 - Јогурт, кисело млеко, свежо цеден сок или вода

Додатоци:
 - Сушено овошје - брусница, ситно исецкани кајсии, сливи, ананас - една полна супена лажица е доволна како количина за една порција, средна количина 20гр- цена 10 денари
 - Свежо овошје - јаболка, свежи кајсии, праски, јагоди според сезонот- 5 денари.
 - Интегрален сусам и ленено семе -тазе мелени, тиквени семки
 - Чиа - тоа е малку скапа намирница, препорачаната количина според етикетата е 35гр (2 ч.л.) и тоа се околу 45 денари. И пак јас би ставила една лажичка.
 - Јатки - ореви, бадеми, лешници - сурови - 5 денари.

И така: математиката за 1 голема порција домашно мусли со сушена брусница, една јаболка, ленено семе и сусам мелени, лажица чиа и мелени јатки, со јогурт:  околу 50 денари. Тоа е најскапата опција која спремивме, најголемиот син проба и одобри и е повеќе од доволно за возрасен кој не е на диета.
Во пати подобар појадок од четвртина бурек.






Доручек за школски деца

Многу пати мојот најголем син ми раскажува што јадат негови другари на голем одмор. И стварно се револтирам не на децата, а на родителите. На сите информации колку е важна исхраната на децата, родителите се тие кои се ДОЛЖНИ да ги формираат вкусовите на децата. Должни се не затоа што некој излегол на телевизија и кажал така, а затоа што огромниот дел од современите болести се резултат од несоодветна, а во некои случаи навистина лоша исхрана. Муабетот "ее, па ние истото сме го јаделе и ништо не ни е" воопшто не држи вода и не смее да биде оправдување за немарноста на родителите околу храната на децата.
Живееме до училиште на фреквентна улица и веднаш на другиот тротоар - голем супермаркет, неколку бурекџилници...познато ви е. Доаѓа голем одмор и сликата е следната: деца трчаат преку улица без да пазат на коли, возачи возаат без да пазат и да застануваат. За 5 минути децата се враќаат со бурек, затворена пица, кифла, кроасан и тоа што најмногу ме иритира - ќеси чипс, смоки, течности кои тешко можат да се наречат сок и уште потешко може да се најде нешто корисно во нив. Просечно тоа кошта 50 денари.

Што можеме да припремиме на децата кое е подобра домашна варијанта?

Пијалоци:
  • Свежо цеден сок - со 3 средни портокали се добива околу 250-300мл, цената е околу 20 денари, време за припрема - 5 минути со полнење на пластично шише, фрлање на корките во канта и миење на цедилката. Шишето е добро да се дополни со вода, за да не биде концентриран сокот.
  • Компот - ако сте од тие кои не прават зимница, тогаш можете да искористите сушено овошје, јаболки, круши, дуњи и да сварите на тивок огин голема количина компот. Може да се заслади со мед, кафен шеќер, стевиа. Овошјето може да се пасира и да се добие одличен нектар. 
  • Вода - децата треба да пијат многу вода- литар и повеќе. Шише вода е многу подобро од секакви купени сокови полни со хемикалии (слободно одвојте 5 секунди во маркет за да сликате етикета на таков сок и 20 минути дома  наместо да дремете на Фејсбук, да прочитате што точно содржат соковите).
Храна:
  • Сендвич - има многу можности. Домашен леб со дип од ореви (фино пасирани урда, ореви и малку кисело млеко), краставица и марула; намаз од урда со печени пиперки -многу повкусно и корисно од купените намази; путер со кашкавал и зеленчцуци; други домашно приготвени намази. Реално еден домашно приготвен сендвич би не коштал 10 денари и најмногу 10 минути за припрема.
  • Палента - припремена од претходната вечер. До утро палентата ќе се стегне и може да се стави во кутија без да се распадне, со гарнир од стапчиња од моркови, краставици или друг зеленчук. Една порција од 200гр би коштала околу 10 денари. Со додадени зеленчуци-20. 
  • Овошје - почистени јаболки, банана, сезонско овошје.
  • Тиква варена на пареа, намачкана со мелени ореви и мед - околу 5-10 денари.
  • Домашни банички со зеленчук или со урда.
  • Домашни палачинки со џем или мед.
Се` е до нас - колку сакаме да се ангажираме и да инвестираме во здравјето на нашите деца, ако нашето здравје не ни е толку битно. Слушам многу оправдувања од родители дека навистина им е битна исхраната на децата, но немале време. 10-15 минути наутро е време кое еден родител може да одвои за своето дете. Тоа време не е потрошено време, одземено от нашата припрема за работниот ден, пиење кафе, доспивање до последен момент,... тоа е малку време инвестирано во иднината на нашите деца.
Дополнување:
Во Фејсбук коментиравме како децата си ја враќаат домашната храна и си купуват глупости. Да, ако имат пари со нив.И пред некој да ме нападне како така ќе си го пуштиш детето без пари, да прашам: кога детето има храна, вода, овошје, нешто благо во кутијата, за што му се пари? Ако одговорот е “Да, ама треба да има пари, ако треба да си купи нешто“, тогаш проблемот не е во детето, него во родителот.И ние кога ќе излеземе да прошетаме со пари во џев, не си купуваме нешто со идејата колку е корисно.Например печен сончоглед или кафе од машина. А ако некој вратил храна дома, негов проблем- не е бил гладен. Децата не се кој знае колку поразлични од нас.И на нив им се случува да не им се јаде наутро. Нема да им се случи ништо страшно ако еднаш пропуштат јадење зашто не им се јадело. Коментар од типот “ааа, ма како така, мора да се јаде, не може да не се јаде“- памтите каква беше нашата реакција на такви муабети кога ние бевме на возраста на нашите деца? :)

Школска ужина со тиква

Знам дека е сезонот на тиква, праз и слично, ама ми дојдоа малку повеќе тиквите во кујна.
Минатата недела два дена супа од тиква, вчера печена во рерна и таман си мислев "пуу, ми остана уште едно мало парче за брз десерт" и денес нова количина. Затоа новото големо парче го исеков на помали и го сварив на пареа, ставив во кесички и замрзнав во фризер. Добро, но остана помалото за десертот.

Утре ученикот ќе носи една чаша тиква со ореви украсена со резени јаболко.
Количината сварена тиква е околу 600 грама, 4 бисквити, шака ореви, 1 лажичка цимет, 2 лажици суво грозје и 3 супени лажици мед, кафеав шеќер или друг засладувач.
Убаво се намачкува тиквата со вилушка, бисквитите и оревите се мелат на покрупно. Се` се размешува и се полни во садчиња.  Се декорира со тенко исецкани парчиња јаболко.
Една пластична чаша за вода е доволна за едно поголемо дете или за возрасен.

Вкупно за 6 порции: 50  денари

Рецептите на Ангелина


Ангелина е Ангелина Илиева Трпкова, не се знаеме лично, се надевам некогаш да се видиме :) Во групата За подобри услови во градинките понуди неколку лесни и здрави рецепти за децата во градинка.
  •   1,5кг банани или јаболки, 1 ќеса овесни снегулки, 100-150гр мед, 100гр 4 семиња од Виталиа (б.а.- неколку пати сум имала лошо искуство со тие готови смеси, затоа подобро е да се сомелат рамни количини тиквено и сончогледово семе, интегрален сусам и ленено семе пред да се припреми ужинката). Доколку се прави со банани истите се пасираат, а јаболките се рендаат. Овошјето се меша со снегулките, медот и семињата. Со лажица се прават форми и потоа се печат на 200*С околу 20 минути. По груба пресметка ова би чинело 150-200 денари за 20 деца, одприлика по 10 денари од дете, колку чини една тортица.
  •  Стабилизирани пченични никулци 200гр. чинат 25 денари кои во комбинација со чоколадо во прав или какао ,можат да заменат Чоколино. Со 200гр сигурно можат да се најадат 5-6 дечиња и вклучувајќи и 20тина денари за какао или чоколадо доаѓаме до сума од 45-50 денари која споредена со чоколино кое чини веројатно повеќе од 80 денари,заштедуваме 30-35 денари (за сува маса,  без млеко).
  • За крај една торта: 500гр.пченица (сварена и сомелена), 200гр бисквити, 100-150гр. мед, 200гр смеса од семиња. Се се меша и бидејки смесата е повлажна би требало да се јаде со лажица. Мислам дека и оваа доза е доволна за 20 деца, а повторно чини 150-170 денари, со малопродажни цени. Вака излегува по 50гр на дете, но доколку се дуплира дозата би задоволила хранливи вредности за појадок. Како ужинка би чинечп 8 денари, а како појадок - 16 денари.
Наскоро и слики...