По втор пат кршење на машина за леб решив дека не сум толку фатена во раце и треба сама да го правам лебот.
Рецептот кој моментално е најсакан дома е:
300гр интегрално брашно
200гр бело брашно
4гр сув квасец
10гр сол
10гр шеќер
300мл топла вода (да може да се држи прстот во водата)
1 с.л. зејтин
Во топлата вода се стават сол и шеќер, се промешува и се додава квасецот. Се промешува убаво додека се раствори се` и се остава да стаса квасецот. Потоа се меша со брашното и зејтинот. Се замешува меко тесто со уште малку брашно, се меси додека се добие осет за глатко тесто со воздушни џебови (5-10минути).Потоа се става во набрашнет сад, се покрива со крпа и се остава да стаса и да го зголеми волуменот дупло. На собна температура за тоа требат 1,5-2 часа. Потоа се премесува уште еднаш за кратко, се става врз пекарска хартија. Се покрива повторно со крпа и се остава да одмори едно 30минути. Се пече во загрејана рерна на 230 степени (210 со вентилатор) за 20 минути, потоа се намалува температурата на 180 степени (160 со вентилатор) и се пече уште 20 минути. Финтата дали е добро испечен лебот е да чука на празно. Се вади од рерната и се завиткува во крпа додека да се излади.
Доколку фамилијата не може да чека толку, барем едно пола саат да причека. :)
Зејтин може да се стави скоро секаков, дури и со путер е убаво. Може да се додаде сусам, сончоглед,снегулки, никулци- според желбите. Може да се направи и само со бело брашно. Испаѓа околу 700гр леб. Трае на собна температура под капак околу 5 дена.
Математиката:
Брашно -25 денариЗејтин,шеќер и сол- 1 денар
Квасец- 9 денари
Семки, сусам- 4 денари
Вкупно 39 денари за домашен леб
Интегрално брашно има и по 40 денари/кг, има и поскапи. Ако се стави поскапо брашно, би се качила вкупната цена за 35 денари.
Во план ми е да пробам да направам квас и да пробам леб со квас.