Рецептите на македонски

Тазе ќопоолу или "мамооо, ама денес требаше да носиме ајвар"

Минатата недела децата од одделението на најголемиот син се договориле да мачкат леб со ајвар на голем одмор.
Се разбира дека има во продавница, но некогаш има лушпи или имаме киселини.
Пошто синковецот  кажа во 11,30, а во 12,30 тргнува во училиште, требаше да реагираме брзо.
Ќопоолу е скоро исто како ајварот. Од малото истражување кое направив тоа се состои во главно од модри патлиџани и лук, но се додаваат и црвени пиперки, во некои региони - домати, магдоноз. Дома ќопоолу се правеше со модри патлиџани и пиперки, малку лук, зејтин и магдоноз, крупно мелени, наполнето во теглички и стерилизирано.
 Благодарение на мојата свекрва, имаме во комора смрзнати печени и излупени зелени пиперки и модри патлиџани, но пиперките ми се видоа малку и претрчавме да купиме уште едно кило. Под итно испековме неколко пиперки, земавме и од одмрзнатите и ја направивме еј оваа убавина:


За три големи тегли ни беа потребни:
  • 3кг пиперки
  • 4 мали модри патлиџани
  • пола врска магдоноз
  • лук на вкус
  • зејтин 
  • хималајска сол и оцет (ако има домашен, уште подобро)
















Кај нас испадна дека имало и лута зелена пиперка од смрзнатите, па целата работа дојде маалку пикантна :) Излупените печени пиперки и модри патлиџани се пасираат со другите состојки и тоа е тоа. Одлично предјадење кое може да се искористи за кростини, како гарнир на јадења со месо.

Вкупно - околу 120 денари. 
 Не сум фан на мешањето во казан и цел ден обработки на пиперки и  што ли не, затоа оваа опција е многу полесна и поздрава. Да, се знае дека најдобро да се јадат свежи зеленчуците, но зимно време тоа не е можно. Затоа ги имаме и традициите за приготвување зимница.